Од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка бараат вистината да биде изнесена пред јавноста и да се пренесат фактите за начините на кои се украдени речиси 60 милиони евра од оваа банка.

Во извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, „Арбор Дизајн дооел“ е фирма за производство на мебел којашто нема вратено кредит во Еуростандард банка од околу 440 илјади евра. Нема платено ниту една рата откако го има земено кредитот пред повеќе од една година пред да се затвори банката.

 

Фирмата е основана во јануари 2009 година, со седиште во село Орешани, општина Зелениково, со непаричен влог од 5 илјади евра и депонентна сметка во Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Срџан Шабан. Од увидот во билансите, фирмата има континуирани долгови кои од 2015 до 2019 година се зголемуваат и се движат од 380 до 620 илјади евра.

 

За истиот период, капиталот на фирмата е континуирано негативен додека задолженоста на фирмата е поголема од нејзината вредност и истата се движела од 120 до 145 отсто – велат од Здружението на оштетени штедачи, додавајќи дека за целиот изминат период, фирмата е континуирано презадолжена и бонитетот на фирмата е оценет со најлоша можна оценка односно фирмата била и е високоризична за соработка.

Фирмата должела и за неплатени даноци и придонеси околу 10 илјади евра на Управата за јавни приходи.

Сопственикот и управител Срџан Шабан има уште една фирма фирма со име Арбор Интериор Солутион дооел којашто земала кредит од Еуростандард банка од околу 470 илјади евра на основа на обична меница.

 

И овој кредит е земен во исто време како и кредитот од неговата прва фирма. И оваа фирма нема платено ниту едан рата, ниту еден денар откако е земен кредитот. Фирмата е основана во ноември 2014 година, овој пат со дејност во градежништвото, со непаричен влог од 5 илјади евра и со седиште во општина Кисела Вода во Скопје.

 

Фирмата има еден вработен. Билансите на фирмата велат дека во минатите неколку години таа имала годишни приходи од 8 до 25 илјади евра и долгови од 85 до 420 илјади евра. Како и во првата фирма, оваа фирма има континуирано негативен капитал и задолженост од 110 до 120 отсто, што значи фирмата била и е презадолжена. Како е можно да фирма што има годишен приход до 25 илјади евра да добие кредит од 470 илјади евра со обична меница, а да тоа не биде криминал? – прашуваат револтирано штедачите.

Во нивното соопштение се поставува прашањето како е можно вакви високоризични и презадолжени фирми да имаат земено кредити во стотици илјади евра, но и очигледниот криминал кој поминувал незабележано со години. Впечатокот е дека одобрените кредити од Еуростандард банка се доделени без основани документи и анализи, на суми преку 900 илјади евра. Главното прашање е како може да се подигнати во исто време од овие две фирми од еден ист сопственик, со континуирани загуби и многукратно големи долгови?

Нивната претпоставка е дека било договорено кредитите да не се вратат на клиентите, а украдените пари да се поделат.

Оштетените штедачи понатаму во соопштението велат дека првотимците на ограбената Еуростандард банка, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски сигурно добро знаат зошто сите овие кредити биле одобрени и потпишани.

Тие бараат правда за овој евидентен криминал, притоа велат дека гувернерката Анита Ангеловска Бежовска не ја извршувала основната закосна задача за надзор на банката, прашувајќи – кој ќе одговара за ова соучество во криминалот и висока корупција?

Загрижувачки е фактот дека сопствениите на оние фирми кои земале кредити во стотици или милиони евра, а не платиле ниту една рата. Со години, ваквите примери како со случајот со Шабан останале неказнети. Сите сопственици соучествувале во овој криминал и ги поделиле парите меѓусебно. Криминалот и корупцијата мора да се решат и украдените пари да се вратат во целост – децидни се од Здружението на оштетени штедачи.

Со ова соопштение, Здружението јавно ги повикува надлежните – премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ. Според нив, доколку не се реагира и не се преземат активности за сузбивање на криминалот, тоа е одобрување и соучество во истите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.