Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи” предлага Владата да го усвои предлогот за измени и дополнувања на Законот за банки доставен од нивна страна до Владата и Министерството за финансии како решение кое, во суштина, целосно го решава проблемот со оштетените од Еуростандард банка.

Законските измени за идни случаи на банки во стечај, кои, можеби подразбираат измена и на други закони, Здружението остава Владата да ги предложи, секако, водејќи се, пред се, од интересот на граѓаните, велат во денешното соопштение оштетените штедачи.

Штедачите велат дека по укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки, не постои конекција во смисла на должничко-доверителски однос по ниту еден основ меѓу Фондот за осигурување на депозити и Еуростандард банка, во стечај.

Без оваа одредба во Законот за банки, не постои правен интерес на Фондот за исплата на депонентите-физички лица до 30.000,00 евра, туку само негова законска обврска согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, што е поврзана со неговата општествена улога во државата, но не претставува правен интерес. Без да постои правен интерес, што е суштинска претпоставка за постоење на законска суброгација, не се исполнети условите за примена на член 289 од ЗОО. Дотолку повеќе што Фондот преку исплатата на депонентите-физички лица не исполнил туѓа, туку своја обврска дефинирана со закон. Од таму, за утврдување на статус на доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка за Еуростандард банка, член 289 од ЗОО е неприменлив,велат тие.

Затоа, во споредбеното право, и тоа во земјите членки на Европската Унија и земјите од нашето опкружување, постои конкретен член во закон, без оглед дали се работи за Закон за банки или друг lex specialis закон, со кој е утврден статусот на Фондот како доверител во стечајна постапка за банка.

-Поради горе наведеното, за Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи” нема долема-СТЕЧАЈНАТА ПОСТАПКА за Еуростандард банка не може да продолжи со Фондот за осигурување како доверите. Очекуваме по ова прашање да се произнесат органите што ја водат стечајната постапка и што се грижат за нејзината законитост, и да ја имплементираат  Одлуката на Уставниот суд што е донесена на 25.05.2021 година и влезена во сила на 08.06.2021 година.

Воедно, Здружението потсетува дека до Владата поднесе сопствен предлог за донесување на измени на Законот за банки со кои Фондот ќе се дефинира како доверител во стечајна постапка за банка (бидејќи после  укинување на членот 163 став 3 од Закон за банки Фондот не е доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка), при што, за веќе започнатите стечајни постапки Фондот за осигурување на депозити да биде дефиниран со редослед на наплата по депонентите–физички и правни лица.

Здружението уште еднаш јавно соопштува дека не се согласува за веќе започнатите постапки, Фондот за осигурување на депозити да биде дефиниран во ист ред на намирување, бидејќи во овој момент Фондот не е ниту доверител во стечајните постапки за банка (по укинување на член 163 став 3 од Законот за банки), додека новите законски измени можат да важат ретроактивно  само доколку се поповолни за граѓаните (член 52 од Уставот на РСМ). Во однос на правните лица, решението со кое Фондот би бил во ист ред на намирување со другите доверители (меѓу кои се и депонентите-правни лица), повторно би имало проблем со уставноста бидејќи согласно важечкиот Закон за Фондот за осигурување на депозити, Фондот врши обештетување само на депоненти-физички лица до 30.000,00 евра, но не и на правни лица, со што правните лица повторно би биле ставени во позиција на нееднаквост и дискриминација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.