На стартот на годинашната жетва, оризопрпизводителите од Кочанско најавија дека ќе стапат во генерален штрајк од понеделник, доколку не се најде решение за нивното барање, откупната цена на оризовата арпа да не биде под 25 денари за килограм.

Ние од 25 денари нема да попуштиме ни едне дени. Наместо да се радуваме, ние сега плачеме. Со 17 денари или 20 денари нема есап, а втора работа е што оризот не го откупува ниту еден откупувач и преработувач. Значи луѓето буквално не знаат што да прават, збунети се – вели Здравко Арсов, ИО за спас на оризопроизводителството.

На последната средба помеѓу ресорниот министер и откупувачите било ветено дека Владата ќе интервенира со три денари по килограм за продадена арпа, но откупувачите да најдат начин како да ја надоместат разликата до бараната цена.

Тие не сакале ниту да слушнат за тоа. Такво понижување, такво манипулирање овие неколку години, земјоделецот, оризопроизводителот не е доживеал. Ова е страшна работа – додава Арсов.

Во моментов, актуелната откупна цена на арпата се движи помеѓу 15 и 18 денари, во зависност од сортата, а цената на белиот ориз не надминува 41 денар за килограм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.