Оризопроизводителите од Кочанско утринава, со земјоделска механизација, на два часа ја блокираа едната коловозна лента од регионалниот пат Штип-Кочани, кај село Облешево. Ова е предупредувачки протест поради не исплатата на 5-те денари за предаден килограм арпа, за што од ресорното министерство им беше ветено дека ќе им биде исплатено најдоцна до 31 мај годинава.

– Мај помина, јуни помина, јули, сега сме 17-ти август. Значи, со еден збор бевме излажани-изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од село Облешево.

Оваа интервентна субвенција беше воведена поради ниската откупна цена минатата година. Средствата им беа потребни за купување на репроматеријали.

– Јас ви гарантирам дека пола од овие луѓе немаа средства да купат ѓубрива, да вршат дополнителна потхрана на оризите за да имаат поголеми приноси. Тоа е понижувачки за еден земјоделец кој произведува храна- изјави Драгољуб Гаврилов, оризопроизводител.

Друг оризопроизводител изјавува дека треба да потроши 100 000 денари, за да си ги плати препаратите и ѓубрето.

На прагот на новата реколта, а за да не се најдат во иста или слична состојба, оризарите бараат уште сега да биде утврдена откупната цена.

– Да арпата се откупува по 25 денари, а белиот ориз по 50 денари. Тоа е минимална цена- изјави Гаврилов

Ресорниот министер Трајан Димевски денеска им порача дека субвенцијата ќе ја добијат по ребалансот на буџетот и побара оризопроизводителите да имаат трпение. Меѓутоа, тие му дадоа рок од 5 дена, по што ќе ги радикализираат протестите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.