На почетокот од амандманската расправа за ребалансот на буџетот, пратениците од Комисијата за финансирање и буџет расправаа за четири амандмани. Владејачкото мнозинство прифати само еден кој беше поднесен од ДУИ, а се однесуваше на зголемување на средствата за работата на Комисијата за спречување и заштита до дискриминација. Останатите три на ВМРО-ДПМНЕ беа одбиени.

Според Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ сите 153 поднесени амандмани од нејзината пратеничка група се суштински,затоа што биле насочени кон решавање на конкретни проблеми. Меѓу одбиените е и амандманот со кој се бара да бидат прифатени сите апликации за еднократна финансиска помош од шестиот пакет на мерки, поднесени од естрадните уметници.

Таа апелираше сите 1.500 поднесени апликации од страна на естрадните уметници и музичари да бидат земени во предвид, односно да бидат прифатени, затоа што според неа, со многу малку средства ќе им се излезе во пресрет на оние на кои помошта им е потребна.

Не станува збор за луѓе приматели на социјална помош, за луѓе кои се вработени, за пензионери, туку за луѓе кои се естрадни уметници, регистрирани во некое од здруженијата и за кои Комисијата ќе потврди дека биле музичари. Овие луѓе не исполнуваат само еден од условите, а тоа е да имаат одредена даночна пријава. Можеби не ја пополниле затоа што во изминатиот период биле затекнати и затоа не го исплнуваат како услов. Ако Македонија е земја која ќе обезбеди подеднакви услови за сите, тогаш треба да им се излезе во пресрет и на ваквите граѓани. Можеби не сите наменски не го направиле тоа. Едноствно можеби не знаеле или, пак, не биле доволно едуцирани и подготвени за да можат да бидат регистрирани и заведени од УЈП. Доколу целтта е да се стигне до граѓаните, ова е еден од начините тоа да го направиме – изјави Панова.

Според заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски оваа година на 29 јуни Владата донела одлука за финансиска поддршка за 745 естрадени уметници погодени од корона-кризата. Станува збор за еднократна помош од 30.750 денари, во вкупен изност од 23 милиони денари. Според Ковачевски причината што за останатите естрадни уметници нема еднократна помош не е тоа што немале даночна пријава, туку затоа што не исполниле дел од останатите критериуми – да не се корисници на пензија, просечните месечни приходи да не надминуваат 15.000 денари, да не користат некои од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и да бидат членови на некои од регистрираните здруженија на естрадни уметници.

Врз основа на повикот имаше апликации, аплицирани на јавниот повик за финансиска помош на естрадни уметници кој го објави Генералниот секретерјат на Владата а кој се спроведе во соработка со Министерството за економија и со Министерството за култура. Пристигнаа 1.633, а по вкрстувањето на податоците од МТСП и УЈП , Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци на естрадните уметници се утврди дека критериумчите за добивање на финансиска помош ги исполнуваат вкупно 745 лица. Но и тука има една забелешка а тоа е дека од 745 естради нуметници 429 имаа пополнето годишна даночна пријава за 2020 година во УЈП. 316 немаа, по мислење од Министерството за финансии и тие 316 беа вклучени во оние кои добија финансиска помош. Од ова се гледа дека даночната пријава не беше пречка. Оние кои што беа одбиени не исполнуваа дел од останатите критериуми. А тоа е да не се корисници на пензија, просечни месечни приходи да не надминуваа 15 000 денари, да не користат некои од редовните програми за соцјчлана помош на МТСП и да бидат членови на некои од регистрираните здруженија на естрадни уметници – изјави Ковачевски.

Комисиската расправа на ребалансот на буџетот продолжува утре на пладне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.