Измените на Правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) што ги усвои Владата на вчерашната седница се направени со цел малите производители на вино кои имаат фамилијарни винарии да бидат ставени во законска рамка, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со овие измени се олеснуваат условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби. Конкретно, се намалува висината за надоместокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри.

-Со ваквите измени ќе се придонесе за праведност и правичност во однос на трошоците за регистрација на винарска визба, односно висината на трошоците да соодветствуваaт со капацитетот за производство и чување на произведеното вино во винаријата и да им се овозможи на малите семејни винарии да бидат регистрирани во регистарот на производители. Намалувањето на трошоците за регистрација ќе биде мотивација за многу физички лица кои во домашни услови произведуваат вино, да можат да се регистрираат во регистарот на производители на вино кој се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а со тоа на легален начин ќе можат да го пуштат во промет произведеното вино, порачуваат од ресорното министерство.

Воедно, додаваат, ќе се придонесе и за обезбедување на одржлив пласман на грозјето, бидејќи лозарите кои имаат лозови насади ќе имаат можност сопственото производство на грозје да го преработат во вино.

-Намалувањето на висината на трошокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри, нема директно да претставува и намалување на приходите во буџетот, затоа што според проценките на ДИЗ, со поевтината регистрација, околу 100 физички лица и мали винарии би се регистрирале во регистарот на производители на вино, велат од МЗШВ.

Големите винарии, додаваат, се веќе регистрирани во регистарот на производители на вино, а оваа обврска за плаќање е само за идните производители. Така, според проценките на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа 2020 година, би се регистрирале 40 физички лица и мали производители, во следната 30, а во третата година 20 со што се очекува прилив на средства во буџетот на инспекторатот во износ од 135.000,00 денари за овие три години.

Минатата година се донесоа измени и дополнување на Законот за вино, со кои се овозможија низа поволности со кои се олеснија условите за производство на вино на малите семејни винарии и на физичките лица производители на вино, што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.