Бидејќи Општина Охрид, Општона Струга, нити пак Министерството з атранспорт и врски не ги објавија јавно краткотрајните договори за закуп на плажи на Охридското Езеро, ги пренесуваме најбитните податоци, со кого е склучен договорот, на кој период, кои се годишните суми за закупнина и колку чинел 1м2 простор, објави на социјалните мрежи невладината „Охрид СОС“

Може да се види дека сите договори и анекси на договори се истечени. Закупците во изминатиот период не поднесоа свои документи, или докази со кои ќе ги потврдат своите тврдења дека и после истекувањето на договорите плаќале закупнина, нити пак проектите со кои конкурирале а кои им биле одобрени. Од општините или министерството не добивме финансиски извештаи дали навремено се плаќани концесиите и дали е навистина уплатена договорената сума на буџетските или приходни сметки.

Најголема вина во сиот овој процес за нас имаат институциите, во случајов Министерството за транспорт и врски кое иницијално ги потпишало овие договори во име на државата, но подоцна и општините, кои ги продолжувале, преку анекси или нови договори. Од самиот почеток јавноста не е запознаена со процесот, не се консултирани стручни институции, не се знае кој ги одобрувал проектите и според кои аргументи, не е познато дали воопшто е направена стручна оценка за влијанието врз животната средина, не се следеле закупците дали го почитуваат договорот, а според она што може да се види од многумина од нив договорите не се испочитувани, но санкции или раскин на договорите немало.

Исто така, од приложеното, се гледаат различни тарифирања, односно утврдени суми за 1м2, имаме примери каде на иста плажа или потег еден закупец плаќал и три пати поголема сума за 1м2 од некој друг. Се разликувале сумите за 1м2 и меѓу општините. Никаде нема образложение зошто се овие варијации. Кога општините склучувале анекси или нови договори, често сумата за 1м2 се преполовувала. Најдрастичен пример е договор на Општина Струга за краткотраен закуп кој чинел само 18 денари за 1м2. Најмногу закупец платил 180 денари за 1м2.

Со оглед дека во меѓувреме ингеренциите преминале на општините, меѓу нив нема координација. Ако охридскиот градоначалник се обврза да ги отстрани сите објекти во административните граници на Општина Охрид, неговиот колега од Струга изјави дека ниеден објект нема да се ремонтира или отстрани. Некои плажи или објекти беа отстранети уште минатата година, а некои сè уште не се. Имаме и случај каде закупец кој го прекршил договорот, си ја присвоил плажата и дури поднел барање за легализација на таа дивоградба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.