„Адора инженеринг“ по пат на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра, ги купи топланите „Исток“ и „Запад“ и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација“ АД, која е во стечај. Како што соопшти компанијата, со оваа купопродажба успешно завршува стечајната постапка и се отвара ново поглавје во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија.
Важен позитивен аспект од оваа зделка што ја одлучи судбината на досегашниот загубар „Топлификација“ АД, е што регулираниот бизнис со производството на топлинската енергија ќе биде во рацете на сигурна компанија со целосно домашен капитал и менаџмент, наведува „Адора“.
Според заменик-генералниот директор и одговорен за деловниот развој, Душко Чифлиганец, компанијата се одлучила на ваков чекор по повеќегодишни длабоки обсервации и согледувања на приликите во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија, како и врз основа на физибилити студија што ја изготвиле врни домашни експерти од областа на енергетиката.
Веруваме дека од досегашниот загубар „Топлификација“ АД, ќе изградиме успешна домашна приказна во бизнисот со топлинската енергија. Овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името „Адора Енерџи Солушн“, а менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси. Во соработка со домашната стручна фела, имаме јасна визија како да го поставиме работењето на правилен начин и да го оптимизраме и модернизираме процесот на производство во согласност со сите последни технологии. Постојат многу сфери во работењето на кои ќе треба да се посвети интезивно внимание, труд и работа со цел да се изнајде економска оправданост, истакна Чифлиганец.
„Адора“, нагласи Чифлиганец, има афинитет на прифаќање деловни предизвици и донесе одлука дека овој бизнис од државно значење заслужува да биде во рацете на домашна компанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.