Од Владата објавија дека директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски месецов добил три укажувања за неговото непостапување во случајот со преземањето на рамковно вработените од Министерството за политички систем и за односи меѓу заедниците.

На твитер-профилот на портпаролот на Владата се наведени датумите кога биле испратени дописите до ДПИ од две министерства.

Пауновски е детално информиран за неговото непостапување – ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и за информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања. Во меѓувреме не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици – се наведува во објавата.

Ова соопштение од Владата доаѓа по изјавата на Пауновски дека не добил никакво укажување од Владата во врска со неговата постапка.

Премиерот Зоран Заев неделава кажа дека очекува Пауновски да биде разрешен откако претходно, тој одби да вработи 35 рамковни административци, со образложение дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата.

Освен вработените во Државниот пазарен инспекторат кои веќе кажаа дека застануваат зад директорот Пауновски, поддршка за него има и на социјалните мрежи каде многумина го критикуваа чекорот на Владата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.