Следниот месец ќе биде објавен тендер за изградба на првата делница од автопатот Скопје-Блаце, а градежните работи се очекува да стартуваат во вториот квартал годинава, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за транспорт Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Со изградбата на автопатот во должина од 12,5 километри и инвестициска вредност од 110 милиони евра, се очекува патувањето меѓу Приштина и Скопје да се скрати од два часа на 45 минути.
Вицепремиерот Османи истакна дека станува збор за стратешки проект за Македонија и оти Косово е најевтиниот и најсоодветниот извозен пазар за државава.
Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово, рече Османи дополнувајќи дека проектот е важно регионално значење како дел од агендата за поврзување во рамки на Берлинскиот процес.
За првата делница од 1,9 километри до 20-ти месецов треба да заврши целосното проектирање, по што ќе следи објавување тендер. Тој дел од автопатот треба да биде завршен до крајот на следната година. Паралелно со активностите за првата фаза ќе се работи на препроектирање на втората фаза од клучка Блаце до клучката Стенковец во Скопје во должина од 10,5 километри. За неа е предвидено да се објави тендер во првиот квартал следната година, по што во вториот квартал би почнале и градежните работи. Целосната изградба на делницата се очекува да биде завршена кон средината на 2023 година.
Како што појасни министерот Сугарески се врши препроектирање на целата делница поради проблемите со кои се соочиле долж целата траса во делот на експропријација на земјиштето и кај основниот проект за изградба. Утврдено е дека треба да се изврши препроектирање заради потребата од изместување на делови на трасата од основниот проект. На предвидената траса со стариот проект има индустриски капацитети и новоформирани гробишта.
Проектот за тунелот, информриаше Сугарески, не ги исполнува тековните меѓународни стандарди за вентилација и системи за заштита од пожар и евакуција и потребно е препроектирање. Воедно не се извршени детални геотехнички истражувања. Консултантите препорачале тоа да се направи во рамки на новиот проект со оглед на топографијата и бројот на тунели и објекти на автопатот.
Ова се предизвици кои годинава ќе се надминат. Првата фаза ќе ја започнеме оваа година, а втората фаза во 2020, посочи Сугарески наведувајќи дека станува збор за проект со регионално значење.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов појасни дека првата делница е издвоена како посебна функционална целина која може да се реализира побрзо, бидејќи теренот не е тежок за изведба, нема тунели и е во непосредна близина на ГП Блаце и Царинскиот терминал. Втората делница од клучката Блаце до клучката Стенковец кај Скопје е потешка за проектирање и изведба. На неа се предвидени четири тунели во должина од околу 4 километри, осум мостови, како и други објекти на патот во должина од 1,2 километра и други објекти, информира Китанов, посочувајќи дека како и на останатите автопати и овој ќе има патарини.
Изработката на проектите и препроектирањето се финансира со грант од ВБИФ инструментот на Европската унија. Овој проект е меѓу стратешките опфатени со единствената секторска листа на проекти на Владата и Нацоналниот комитет за инвестиции. Инвестициите за првата делница изнесуваат околу 10 милиони евра и се обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта. Од проектираните 110 милиони евра за реализација на проектот 73 милиони евра ќе се обезбедат преку заем од ЕБОР за кои се очекува да биде потпишан договор до крајот на годинава. Дваесет и седум милиони евра треба да се обезбедат преку грант од ВБИФ за што е поднесена апликација уште во ноември лани. Автопатот Скопје-Блаце треба да има две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти за возење со широчина од 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната проектирана широчина на автопатот е 27,5 метри. На целата автопатска делница се предвидени две клучки, кај Блаце и кај Стенковец.
Како што рече Османи во одговор на новинарско прашање, името на новиот автопат се уште не е утврдено, а во неформалните разговори со лидерот на ДУИ, Али Ахмети било наведено името Арбен Џафери како што е именуван патот во Косово. За ова прашање, најави Османи, дополнително ќе се разговара во Владата.
За постојниот државен пат А4 Блаце -Сккопје се подготвува проект за рехабилитација и според најавите ЈП за државни патишта следната година ќе изврши целосна рехабилитација. Во иднина тој пат ќе остане да функционира како алтернативен на новото автопатско решение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.