Докузовски за МИА нагласува дека за успешно работење ќе може да се зборува тогаш кога без пари ќе се постигне нешто.
Секој министер кога дава отчет треба да каже што и колку направил, но без пари. Не да каже колку пари потрошил за време на својот мандат, туку колку ефекти постигнал. Во мое време, 1997/98 година, без субвенции (со нула премии) имавме 30.000 тони тутун, 160.000 тони репа (сега нема ниту килограм), 25.000 – 30.000 тони сончоглед (сега колку има анализирајте). Ќе потенцирам, без субвенции имавме посеано над 117.000 хектари пченица, а сега се под 90.000. Сакам да кажам, како без пари се постигнуваа ефекти за зголемено производство. Кога ги спомнуваме бројките, 800-те милиони евра субвенции треба да ги поткрепиме со ефекти. Ако се потрошени толку, треба да кажеме и колкав е ефектот од овие пари. Мојата оценка е критична, дека нема никакви ефекти. Дури се и негативни, освен популизмот кон земјоделците. Власта сака да ја сакаат, да гласаат за неа. Се другото низ бројки е негативно, истакнува Докузовски.
Во однос на земјоделското земјиште, предочува дека колку повисоки биле субвенциите, толку се намалувале обработливите површини.
Според Докузовски, ниту еден министер не се охрабрува да крене глас против урбанистите кои го уништија земјоделството во Македонија.
Земете го за анализа кој период сакате. Еве, база нека биде 1997/98 година, кога немаше субвенции. Број еден е: многу пари за субвенции, а намалени оранични површини. Македонија има над 130.000 хектари помалку обработлива површина при вакви големи субвенции. Сите плодни површини се претворија во зони кои зјаат празни или половина се активни што е добро. Место да се гради на трета класа земјиште како што беше во претходниот систем, сега најубавите површини се даваат за градба. Се се опустошува, а никој не води грижа. Видете го Полог, каков беше, каков е сега. Секое метро се гради, посочува поранешниот прв човек на секторот.
Продолжува, вели, тенденцијата – селата да се празнат, нивите да остануваат необработени, а парите се потрошени.
Прашањето е: каде одат парите? Би рекол, поддршката на органското производство е добра ориентација. За тоа мора да ги пофалиме и претходната и оваа власт. Но, толку и не е битно колку пари се дадени, туку колку е произведено по видови и количини, како и колку органски производи се пласирани дома и извезени надвор со лого? Има ли евиденција? Нема. Нема никаков податок на потрошени пари изразени во вредност – количина на органски производи. Повторно ќе речам, добро е да се даваат пари, но мора до крај да се почитуваат прописите, напоменува Докузовски.
И овој сегмент, дополнува, го потврдува популизмот на владејачките гарнитури кои постојано велат „даваме“ или „дадовме толку пари“, но никој не го кажува постигнатиот ефект.
Докузовски е дециден дека македоското земјоделство не може да се носи со пазарот на ЕУ и тамошната конкурентност.
Секогаш било добро, но посебно се одлични тенденциите во последните неколку години, и на претходниот и на сегашниот министер, во винарството. Промоциите, винските патишта, форсирањето флаширано вино, освојувањето на пазарите со малку, а квалитетно вино, препознатливо за Македонија. Тоа е добро и треба да продолжи. Не е лоша ни ориентацијата за органското, но спомнав: неопходна е поголема дисциплина, ред, отчетност, вели Докузовски.
За него е посебно дискутабилно прашањето – колку Македонија коле добиток вкупно, а колку од тоа во кланици. Какво месо јадеме.
Од каде доаѓа месото во кафеаните? Кланиците се 50 отсто затворени, плескавици и кебапи насекаде. Од каде е тоа месо? Го исклучувам празникот Курбан Бајрам. Што правиме со другото месо? Од каде потекнува? Увозното месо, смрзнато, треба да заврши во преработувачки капацитети, а не на тезги. Во овој сегмент податоците се фрапантно лоши, укажува поранешниот министер.
Во овој контекст, повторно се наврати на ефектите од субвенциите.
Се што е поврзано со храна, од производство до потрошувачка, покажува раст на дефицитот. Увезуваме храна се повеќе, извезуваме се помалку. Немаме производство, се е популизам, истакнува Докузовски.
Тешко на тој, вели, што ќе биде министер за земјоделство кога ќе почне преговарачкиот процес.
Европа не сака да увезува проблеми, а нашиве како што се разгалени, без отчет, без ништо, само земаат пари и се фалат. Кога ќе почне преговарачкиот процес, ќе им речат на министерот и неговиот тим: Досега дававте субвенции за се и сешто. И по површина и по килограм. И за забранети производи. Што ќе правите сега? Ќе ги прашаат, колку имате земјоделци со една крава, со две крави, со 10, 50 крави? Ќе ги креваат рамениците. Немаме податок. Кога ќе се подготвите, дојдете, ќе преговараме. Потоа следува второ прашање. Ако 90 отсто од земјоделците не можат да добијат пари за кравите, што ќе правите со малите фармери? Пак немате решение? Вратете се со предлог. Што правите со ситните парцели?, објаснува Докузовски.
Извор МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.