За да може едно четиричлено семејство да го добие максималниот годишен поврат на ДДВ од 28.800 денари, во текот на годината ќе треба да потроши 1.066.667 денари, односно 17.344 евра, но само на набавки на кои се пресметува ДДВ од 18 проценти. На месечно ниво тоа е трошок од 1.445 евра. Ако купените добра се со повластената стапна на ДДВ од пет проценти, која најчесто се применува кај храната, годишниот цех треба да изнесува дури 3.840.000 денари, што е еднакво на 62.439 евра, што пак значи дека месечно треба да се трошат во просек по 5.203 евра, пишува Вечер.прес.
Ова е математиката на даночниот експерт и претседател на Здружението на даночни советници Павле Гацов, која е повеќе од актуелна по завчерашната најава од Владата дека од 1 јули почнува спроведување на мерката поврат на 15 проценти од ДДВ за граѓаните.
Но, бидејќи не секогаш се купуваат само производи оданочени со 18 или само со пет проценти, Гацов за Вечер.прес прави и комбинирана математика која покажува дека за потрошени 20.000 денари на сметките на граѓаните легнуваат само 379 денари. Или, ако од вкупната набавка од 20.000 денари 15.000 се со ДДВ од 18, а останатите пет илјади се оданочени со пет проценти, тогаш државата од ДДВ зема вкупно 2.526 денари, или 2.288 денари од набавките оданочени со 18 и 238 денари од набавките за кои данокот е пет проценти. Од вкупно пресметаниот ДДВ од 2.526 денари на фискалната сметка од 20.000 денари, граѓанинот назад ќе добие 15 проценти, што изнесува 379 денари.
Гацов коментира дека опцијата за максимално искористување на повратот е речиси невозможна поради предвидените лимити. Инаку, со намера од оваа мерка да се изземат најбогатите два процента од населението, сумата на една фискална сметка за кој има поврат на ДДВ е ограничена на максимум 30.000 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.