Една година по потпишувањето на меморандумот за соработка со „Мастеркард“, се одржа работна средба на којашто беше презентирано решението за дигитална идентификација на граѓаните на Република Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, на работната средба присуствувале премиерот Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за финансии Фатмир Бесими и високи претставници на компанијата „Мастеркард“, претставници од Народната банка на Република Македонија и претставници од Управата за финансиско разузнавање.
Заев истакнал дека со помош на дигиталната идентификација граѓаните стануваат дел од современите дигитални комуникациски процеси на Европа и на светот и дека со оваа можност правиме голем и важен чекор во дигитализацијата на нашиот сопствен идентитет што е предуслов за многу безбедни мрежни услуги во земјата и во светот.
Документите што ќе бидат потпишани преку оваа апликација ќе бидат признати не само во нашата земја, но во сите земји во Европа и каде и да се продава услугата електронска лична карта на „Мастеркард“. Решението развиено од „Мастеркард“ може да го користат институциите, но и деловните субјекти кои сакаат да ги користат придобивките од технологијата, да воведат дигитализација на нивните процеси и да ги заменат хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потпис и одобрување преку паметни телефони. Дигиталната идентификација ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилни телефони – вели премиерот Заев.
Како што посочува прес-службата на Владата, мобилната апликација на којашто изминатата година работат „Мастеркард“ со поддршка на нашите институции, ќе го промени начинот на работа на институциите, но уште поважно ќе го поедностави секојдневниот живот на граѓаните.
Министерот Јетон Шаќири истакнал дека овој месец означуваме една година од потпишувањето на меморандумот за воспоставување услуга за дигитална идентификација за граѓаните на Македонија.
Можеме да имплементираме најсовремени системи за е-услуги, да инвестираме во опрема и софтвер, но без средства за електронска идентификација, граѓаните ги праќаме на шалтерите како пред десетици години. Живееме во време кога технологијата го променува нашиот живот на подобро и треба сите да придонесеме за тоа. Со воспоставување на услугата за дигитална идентификација граѓаните од нивните домови ќе аплицираат за услугите во државата и услугите од компаниите во приватниот сектор – вели Шаќири.
Тој посочил дека користејќи ја услугата за електронска идентификација, јавните институции и компаниите во приватниот сектор со сигурност ќе го знаат идентитетот на лицето кое ја побарало услугата и дека истото лице го потврдува спроведувањето на таа услуга, без можност за каква било измама.
Според министерот Фатмир Бесими, дигитализацијата е процес кој може да создаде услови за поголем економски раст, кој ни е потребен што поскоро.
Концептот на дигитална економија е систем на институционални концепти и содржи достигнувања на прогресивните технологии, а крајната цел е да служи за зголемување на ефективноста на вкупното производство преку оптимизирање на процесите и намалување на трошоците. Тоа е економија заснована на професионално знаење, познавање на пазарот, но и креативност и иновативно општество – потенцира министерот Бесими.
Владината прес-служба во соопштението наведува дека ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна веќе на крајот на април.
Ова значи дека за услугите за кои досега граѓаните мораа со физичко присуство да го потврдат својот идентитет, тоа ќе можат да го прават од својот компјутер, лаптоп или мобилен телефон – се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.