Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги објави четирите јавни повици од Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година, предвидени за оваа година.

Јавните повици се однесуваат за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата, потоа субвенции за купени печки на пелети, финансиска поддршка домаќинствата ќе добијат и за купени и вградени сончеви термални колекторски системи, како и за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати.

За мерката субвенции за печки на пелети, од буџетот на Министерството за економија оваа година се предвидени 14 милиони денари, при што субвенцијата изнесува 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство, односно до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари, за домаќинства со ниски приходи. За мерката вградување ПВЦ прозорци, предвидени се 22 милиони денари, а финансиската поддршка изнесува до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство, односно до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за лица со ниски примања – соопшти Бектеши.

За третата мерка, субвенционирање сончеви колектори за затоплување на домовите, Министерството за економија одвоило осум милиони денари, а финансиската поддршка изнесува 30 отсто, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство, односно до 70 отсто, но не повеќе 15.000 денари, за лица со ниски приходи.

За субвенции за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, се наменети осум милиони денари. Поддршката изнесува до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство, информира министерот за економија.

Тој нагласи дека корисници на оваа програма се сметаат лица со ниски приходи, односно вработени кои земаат под 30.000 денари плата, пензионери со нето месечни примања до 20.000 денари, како и ранливите категории, приматели на социјална помош.

Принципот „Прв дојден, прв услужен“, ќе се применува и оваа година. Средствата од програмата ќе бидат распределени по планските региони, со цел да се поттикне рамномерниот регионален развој – рече Бектеши, кој појасни дека најмалку пари ќе добијат регионите кои се најразвиени, а најмногу оние посиромашните.

Тој информира дека фискалните сметки за печки на пелети ќе важат од 1 јануари 2021 година. За фотонапонски панели ќе може да се аплицира до 30 јуни 2021 година, бидејќи е нова мерка, а другите огласи ќе важат до 31 мај, освен ако, како што рече, средствата не бидат порано исцрпени.

Министерот соопшти дека јавните повици се објавени во два дневни весника и на интернет-страницата на Министерството за економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.