Од Фондот за осигурување депозити ги информираат депонентите во „Еуростандард банка“ дека обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплатата на обесштетувањето.
Од Фондот појаснуваат дека секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување.
Правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување – се наведува во соопштението од Фондот.
Веќе се подготвува распределбата на депонентите по банки исплатувачи и се изготвуваат потврдите за депозит, со цел процесот на исплатата на обесштетувањето да се одвива максимално ефикасно и едноставно.
Во текот на следните денови ќе биде соопштен датумот на којшто ќе започне исплатата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.