Дозвалата за организација на прослави, веселби и свадби согласно протоколи, наместо да влијае позитивно, ќе предизвика хаос во работењето и новото секојдневие, велат од Независната угостителска комора. Бараат музичарите да се вратат во кафулињата и другите објекти, а да не биде пропишано дека музичари се дозволени само на свадби. Од НУК тврдат и дека мора да се зголеми горната граница на ограничувањето на децибелите музика во објектите.
„Безвредна е препораката да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица ако присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. За какви веселби и прослави дискутираме односно какви протоколи Комисијата за заразни болести предлага ако присуството на т.н. музичари и понатаму е „забрането” односно „дозволено” само на свадби. Да не се чудиме ако од утре во секој угостителски објект гледаме младоженци односно сите угостителски објекти преку ноќ организираат свадби со присуство на музичари, велат од НУК.
Бараат за сите угостителски објекти да се врати членот 13 со кој ќе се дозволи организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи) во сите угостителски објекти согласно протоколите за работа, а постојната препорака за јачина на музиката точка 14 со која се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели ќе ја укине во целост.
„Владата да не заборави и да одобри работење на внатрешните делови на сите угостителски објекти со оглед дека голем дел од постојните објекти немаат соодветни тераси за да можат угостителите сопственици на овие објекти како и останатите колеги – угостители да ја вршат својата дејност согласно важечките протоколи, стои во соопштението.
Се потсетува и дека дозволата од максимум шест лица на маса е неприменлива за поголеми семејства кои излегуваат на семеен ручек, вечера или некоја семејна прослава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.