Кој, со кого и на кој начин договарал формирање Комитет за туризам, кои се тие што одлучиле да ги игнорираат реалните и вистински угостители и зошто ни е одземено договореното и ветено право рамноправно да учествуваме во формирањето на ова тело, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК).
Во дописот испратен до медиумите НУК јавно прашува со кого и за кого Владата на затворена седница на 11 мај донела одлука за формирање ваков комитет. Воедно, обраќајки се до премиерот Заев, бара корекции на членот 6 од Одлуката за формирање Комитет на туризам со што, покрај наведените членови и заменици, да се наведат и членови на НУК, Стопанската комора на туризам, како и членови на македонските здруженија Охридски еснаф, Тиквешки угостители, Антигонеа, Клуб еснаф, ЗУТ Крушево, и Прилепски меанџии.
Според НУК, треба да се смени и името на Комитетот во Комитет за туризам и угостителство за со него да се опфати целокупната туристичко-угостителска индустрија. Такво било, дополнува НУК, и првото име на ова тело конституирано со Уредба за основање од Владата на Народна Република Македонија.
-Бараме и очекуваме премиерот Заев на следната седница веднаш да ја исправи грешката која одредени претставници на Владата ја направиле со игнорантскиот однос. Воедно бараме и очекуваме називот комитет на туризам да се промени во Комитет за туризам и угостителство со што реално ќе се опфати целокупната туристичко-угостителска индустрија, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.
Тој потсетува дека во октомври Здружението на угостителство и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителска комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), побараа разрешување на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и избор на нов по предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации.
-На молба и барање за поддршка од Здружението на угостителство и туризмот, НУК се приклучи кон барањето за смена на Јаневски и го дополни со иницијатива за промена на името на Агенцијата во Агенција за промоција и поддршка на туризмот и угостителството. Како иницијаторот Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора кое молеше за поддршка за заедничко формирање на овој Комитет и за поддршка за разрешување на директорот на Агенцијата одеднаш се најде заедно со Агенцијата прво на листата на членови во новоформираниот Комитет за туризам?, истакнува Јосифовски.
Одлуката за формирање Комитет за туризам Владата ја објави на 17 мај 2021 со напомена дека стапува во сила следниот ден, на 18 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.