Петто задолжување на Македонија од почетокот на годината. Денеска државата се задолжува за близу 132 милион евра. Министерството за финансии по аукција на државни хартии од вредност издаде 12-месечни државни записи без девизна клаузула, со камата од 0,5%. Ова е прво задолжување за месецов, а наредното е најавено за 31 месецов. За разлика од претходниот случај кога немаше раздолжување, владата утре и на 8 март ќе врати 137 милиони евра.

Во овие два месеца, Владата се задолжи за вкупно 245 милиони евра, а врати неполни 44 милиони евра. Овие задолжувања и раздолжувања се предвидени со буџетот за годинава. Министерството планира нето задолжувањето на домашниот пазар да достигне 200 милиони евра.

Последните податоци покажуваат дека јавниот долг се зголеми и достигна 48.9% од БДП, односно надмина 5 и пол милијарди евра. Во среднорочната фискална стратегија, Владата си овозможи да продолжи со зголемување на јавниот долг кој до крајот на годината може да достигне 50,4% од БДП.

Заменик министерката за финансии рече дека лошата економска година сериозно ќе се одрази врз општините кои и натаму имаат милионски долгови. Најзадолжена општина е Охрид, со доспеани, а неплатени обврски, од 7,3 милиони евра..

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.