Придонесите за здравствено и пензиско осигурување се зголемуваат, прогресивниот данок од денеска почнува да важи, рамниот данок веќе нема да се применува, плаќање во кеш само до 1.000 евра… ова се само мал дел од даночните реформи кои од денеска почнуваат да важат.
За 0,5% се зголемуваат придонесите за здравствено и пензиско осигурување. Родените по 1 јануари 1967 ќе се вратат само во првиот пензиски столб. Предвидено е со овие две мерки дупката во Фондот за пензиско осигурување која сега изнесува 309 милиони евра, да се намали за 35 милиони.
Дел од овие реформи значат и замена на персоналниот данок со данок на личен доход – примањата до 90 илјади денари ќе се даночат како и досега, со 10 отсто, а за сите доходи над оваа сума ќе се плаќаат дополнителни 8% данок.
За капиталните добивки, кириите, добивките од игри на среќа… од годинава предводен е повисок данок од 15 отсто (наместо досегашните 10%).
Проекцијата на Министерството за финансии е дека по овој основ државата ќе собере дополнителни 25 милиони евра. За Владата прогресивниот данок е праведен затоа што најбогатите 1% од граѓаните ќе плаќаат повеќе, а нивните пари ќе одат за социјално најранливите категроии граѓани.
Од денеска во кеш ќе може да се плаќа само до 1.000 евра. Новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам го намалува лимитот за готовниски плаќања од сегашните 2.000 на 1.000 евра, а од јуни ќе може да се плаќа само до 500 евра.
Бизнис секторот, опозицијата, експертската јавност беа против оваа даночна реформа. Бизнисмените бараа одложување на прогресивниот данок за најмалку три години за да можат да ги усогласат нивните развојни планови. Експертите предвидуваат зголемена даночна евазија и „развој“ на сивата економија.
Од денеска почнува да се применуваат новите правила и за пазарите. Според овие измени вработените и пензионерите нема да можат да имаат тезги, а сите пазарџии ќе плаќаат придонеси во висина до 2.000 денари.
Денеска почнува и либерализацијата на пазарот на струја. Сегашните цени на струјата за домаќинствата ќе важат до јуни. Домаќинствата и стопанствотои веќе можат да бираат меѓу 8 фирми кои се снабдувачи на отворен пазар, а постапката за избор на универзален снабдувач ќе заврши до март. На тендерот се јавија две компании, ЕВН и државната ЕЛЕМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.