Годинава, трудот на лозарите е целосно обезвреднет. Наближува откупот на грозјето, а винариите најавуваат пониски цени за превземање на грозјето, додека вината се многу поскапи од претходните години. На нозе се кренаа сите лозари, чиј труд на овој начин е целосно обезвреднет.Трошоците за производство се зголемени, а корона кризата влијаеше и врз нивното осиромашување. Националната федерација на фармери ги следи состојбите во лозарскиот сектор и она што го согледува како проблем се откупните цени.
Со години наназад „смедеревката“ се откупува за 11 денари по килограм, а „вранецот“ по 13 денари. Оваа година, според најавите од одделни винарии, таа е уште пониска, 4-6 ден по килограм. Ова создаде голем страв и неизвесност кај лозарите. Секоја година преку НФФ одделение за лобирање и застапување правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден по килограм. Оваа година овие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции, велат од Федерацијата.
На барање на Националната федерација на фармери од Земјоделскиот институт е доставена пресметаната единечна производна цена на грозјето која изнесува 11 ден по килограм, а производната цена на винското грозјето со амортизација (во амортизација влегува и работниот труд) изнесува 15 ден по килограм.
Со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно ориентирано и значајно за БДП на државата – потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.
Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје, 70 отсто се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства.
Токму овој податок покажува дека индивидуалните земјоделски стопанства се основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи за нивен развој и економско јакнење. Со години наназад препознатлив е трендот на должење и неисплата на винарии кон лозари. Добро познатиот случај со „Повардарие“ тоа го потврдува, каде што сè уште лозарите ги немаат добиено своите пари за предадено грозје, велат од Федерацијата.
Претседателот на здружението „Тиквешки лозароовоштари”, Златко Стојчев вели дека се нема слух за да се разговара за маките на лозарите.
Бараме средба со министерот, градоначалниците од нашиот лозарски регион, за утврдување на цената за килограм грозје. Со различни цени се прави раздор помеѓу лозарите. Бараме заштитна цена за килограм грозје, плус субвенции од државата во оваа кризна година – нагласи тој.
Дане Јошев член на истото здружение, додаде дека не знаат што да прават, а бербата почна на некои сорти.
Ако нема средба, размислуваме и за блокирање на винарии кои немаат разбирање за проблемите на лозарите – рече Јошев.
И по револтот на лозарите кој трае веќе месец дена вчера Љупчо Николоски и Арјанит Хоџа се огласија по своите социјални мрежи. Нивните реакции се дека се ќе се реши.
Многу голема некоректност и неодговорност од Тиквеш кон лозарите, граѓаните и државата која низ годините наназад им дала и добиле се што е можно. Пример за непатриотско и потценувачко однесување! Поддршка за сите вредни лозари“, напиша вчера вечер Николовски на својот фејсбук профил.
Од она што првично сме договорени ние немаме намера да отстапиме, така да очекувам од винарската визба ‘Тиквеш‘ да го повлече овој ценовник и да постапи според договореното на заедничкиот состанок, напиша Хоџа на својот Фејсбук профил.
Но, лозарите се скептични и во едно се сложуваат дека власта ако не ги преземе веќе чекорите и не направи нешто за да се спречи таа ниска цена на откупот на грозјето, тие ќе излезат на улица и ќе го истурат, бидејќи не сакаат да го продаваат за ич пари.
Нашиот труд изминативе неколку години никој не го цени, дојдени сме до моментот да молиме за пари. Со овие пари ако го продадеме грозјето ќе немаме доволно пари за ѓубрива, а не пак за живот, вели еден револтиран земјоделец.
Власта е селективна. Многу работи ветува преку социјалните мрежи, така е најлесно од фотелја да се пишува, но нека дојде на терен да види како е, велат лозарите.
Очигледно по реакциите на лозарите е дека не веруваат дека власта ќе помогне, бидејќи неколку години веќе само ветува,а ништо не помага. Лозарите сепак се оставени сами на себе, немаат помош од државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.