Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостување во „Утрински брифинг“ истакна дека потребен е нов договор и општ консензус.
Николоски порача дека нов договор ќе значи и ниски даноци.
Комуникација помеѓу двете политички партии е неопходна, мора да има. Овој процес на поларизација мора да се намалува, за жал мислам дека се отиде предалеку. Имаме една тема којашто мора да ја ставиме на маса, а тоа е дека политичката ситуација е неодржлива и ќе заврши со предвремени избори. Прашањето е колку долго ќе се одлагаат тие предвремени избори и ќе се мачи народот и јавноста. Сметам дека треба да се направи еден разговор на којшто ќе се определи датум за предвремени парламентарни избори – нагласи Николоски.
Тој додаде дека во ситуацијата во Владата сега е комплицирана.
Имате СДСМ којашто изгуби на избори, Алтернатива нов партнер којашто исто така изгуби на избори и ДУИ којашто победи на избори. Од другата страна во опозиција ги имате ВМРО-ДПМНЕ којашто победи на избори, БЕСА којашто победи на избори онаму каде што се натпреваруваа и Алијанса на Албанците којашто победи на избори каде што се натпреваруваа – истакна Николоски.
Тој посочи дека прашање број еден кое треба да се реши во јавноста е дали оваа Влада ќе продолжи или не.
Ако не продолжи оваа Влада и не се оди на предвремени избори, прашањето на легитимитет на Владата се поставува, но исто така тука е прашањето и со кои луѓе, условно кажано, новиот претседател на СДСМ би составувал Влада. Ако нема вонредни избори, а јас се надевам дека ќе ги има и дека нема да има потреба да одиме на следните чекори, улицата е секогаш природна средина за опозицијата – изјави Николоски.
Тој укажа дека идејата за рамен данок којашто е дадена во временски период некаде 2007-2008 година имала одлични ефекти.
Многу држави почнаа да ја следат Македонија и станаа конкуренција, намалија прво на 15 па на 10%. Веќе Македонија не е со најнизок данок и ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се намали на 8%. Да се намали основицата за даночно зафаќање затоа што оваа Влада на одреден начин го зголеми данокот иако тој номинално остана ист на начин што ја зголеми основицата на оданочување. И во суштина на зголемена основица на оданочување данокот е сега меѓу 15-17%, а не 10% – изјави Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.