Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на собраниската седница за ребаланс на буџетот истакна дека ова е историски највисок буџет кој што не се троши соодветно, ниту за стимулирање на економски раст ниту за борба со корона кризата. Околу тоа што требаше владата да направи, Николоски рече дека прво требаше да се зголеми буџетот за здравството како приоритет и како што е во сите земји кои што се справуваат со корона кризата. Второ, дополнителна награда за здравствените работници за да бидат постимулирани во својата работа. Обезбедување на услови за образование, за да не зимаат родителите кредити за да купуваат лаптопи и компјутери за да можат да ја следат наставата, а не децата да имаат трауми зошто таткото на другарчето може да купи два компјутера, а неговиот татко ниту еден. Понатака, компјутери и за наставниот кадар како и бесплатен интернет за сите. Јавни протоколи за работа во сите сектори, а не да се размислува повторно за карантини. Зголемување на помошта при невработеност и дигитализација на сите јавни давачки, како и таргетирани субвенции и друго.

Првото прашање што ни го поставуваат граѓаните во секојдневните средби е каде се парите. Второто прашање е зошто во Македонија не се градат автопати, железници, зошто во Македонија не се инвестира во инфраструктурата. Третото прашање е зошто запреа проектите кои што претходно постоеа. Се се сведува на едно прашање – каде се парите? Ова втор ребаланс на буџетот за оваа година и проектиран е на највисоко ниво во историјата на независна Македонија, некаде околу 3 милијарди и 191 милион евра. Она што е интересно во проекциите на владата, приходите во вториот ребаланс остануваат на исто ниво како приходите во првиот ребаланс. Дали е тоа реално? Затоа што приходите се намалени во однос на иницијалниот план за приходи поради корона кризата за 423 милиони евра. Но, она што е значајно дека се предвидува во четвртиот квартал, а тоа се месеците октомври, ноември и декември, треба да се соберат околу 60 милијарди денари, односно околу една милијарда евра од граѓаните, што треба да е раст за 6,3 проценти во однос на истите месеци минатата година. Што значи за 6.3 проценти треба оваа година да се соберат повеќе пари од минатата, во услови кога минатата година немаше корона криза. Прашувам како ќе се реализира тоа. Тоа нема да се случи и во тие услови дефицитот ќе биде далеку поголем од она што е проектирано во моментот, посочи Николоски.

Второто значајно прашање е она што се однесува на буџетските расходи, односно колку владата ќе троши оваа година, нагласи тој.

Вкупните расходи во овој ребаланс се за 162 милиона евра повисоки од ребалансот еден, и се на ниво на 4 милијарди и 112 милиони евра. Значи оваа година владата со ваква амбициозна претпоставка за третиот квартал предвидува приходи кои ќе бидат 3 милијарди и 191 милион евра, додека расходите треба да бидат на ниво од 4 милијарди и 112 милиони евра, односно дупка во буџетот некаде околу 960 милиони евра. Историски најголема дупка која што Македонија било кога ја видела во својата независност. Дупка која што треба да ја плаќаат граѓаните, потенцира Николоски.

Николоски рече дека капиталните расходи имаат историски најниска реализација во текот на оваа година.

Истото се случуваше и во 2018-та година повторно за време на влада на Заев, различни се само министрите за финансии. Затоа граѓаните прашуваат зошто не се градат автопати, железници и така натаму. За градежни објекти во првиот буџет беа предвидени 155 милиони евра, а во овој оди дупло надолу на 83 милиони евра во вториот ребаланс. Но, затоа капиталните субвенции на невладини организации се задржуваат скоро на исто ниво со претходниот ребаланс од околу 52 милиони евра.
Буџетскиот дефицит оваа година ќе биде 8.4 проценти од бруто домашниот производ. А јавниот долг е 59.3 проценти и со голема можност да оди и до 70 проценти затоа што приходната страна е нереално проектирана во овој буџет, рече Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.