Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 изнесе ексклузивни информации за рудникот Иловица.
За рудникот Иловица сакам ексклузивно да споделам неколку информации. Тука носам предмет документи кои што сакам да ги споделам со јавноста. Јас сум против, апсолутно и тоа го кажав и како носител на четврта изборна единица. Јас сум против отворање на рудникот Иловица таму, затоа што ќе го уништи целиот тој крај таму. Јас тоа го кажав јавно во изјава во рамки на изборите како носител на четворката и кажав дека ќе направиме она што сака народот – појасни Николоски.
Николоски додаде дека тоа што го сака народот тоа треба да се направи, а тоа јасно го вети и ВМРО-ДПМНЕ. Се што бара народот, тоа ќе го добие од ВМРО-ДПМНЕ. А, народот очигледно не сака отворање на рудникот Иловица.
Во тек на 2019 година со дозвола од Комисијата за заштита на конкуренција која што е владино тело „Еуромакс“ е продадена на сомнителна фирма регистрирана во Кајманските острови, веројатно луѓето никогаш и не слушнале за Кајманските острови, наречена „Galena Resource Equities Limited“. Што е интересно? Интересно е дека таму каде што е регистрирана оваа компанија се регистрирани уште ни помалце ни повеќе уште 22.000 компании. И претседателот на САД, господинот Барак Обама во тоа време зборува дека се работи за најголемата шема за перење на пари, а тоа е оваа зграда во која што е регистрирана прилично малата компанија. А, во таа зграда се регистрирани ни помалце ни повеќе туку над 20.000 компании – нагласи Николоски.
Николоски посочи дека и весниците низ Велика Британија како што е „Дејли мејл“ пишувале како претседателот Обама еднаш сугерирал дека „Угланд хаус“ како што се вика зградата симболизира нешто погрешно во однос на даночните раеви и посочил дека во таа зграда има над 20.000 фирми. како што истакна Николоски, Обама дури истакнал дека тоа е или најголемата зграда во светот, а се гледа дека не е воопшто голема зграда, или се работи за најголемата шема за перење пари.
На оваа адреса е регистрирана фирмата која што ја презема „Иловица“. Што е следно интересно? Таа фирма „Galena Asset Management“ во моментов поседува 53% од Иловица. Значи станува доминантен сопственик со 53% оваа фирма од Кајманските острови. Таа фирма „Galena Asset Management“ го поставува за директор на Иловица Иван Вутов, за којшто јасно вели дека нивни претставник во бордот на директори на Иловица е Иван Вутов. А, она што е интересно за Иван Вутов е дека е син на Цоло Вутов, еден од најбогатите луѓе во Бугарија, близок пријател на актуелната власт во Бугарија. А, за него е кажано дека во рамки на „Галена“ тој има доминантно учество односно овие 53% да поедноставам најверојатно се сопственост на Цоло Вутов – истакна Николоски.
Николоски посочи дека Цоло Вутов го поставува својот син Иван Вутов за директор на Иловица. Како што посочи Николоски, интересно е тоа што од 2019 година завршувајќи со октомври оваа година кога влегува ова лице како директор на Иловица коинцидира со случајната одлука на Вишиот Управен суд којшто реши работата со Иловица да ја врати од почеток со цел таму да може да се копа, односно таму да има рудник.
Сакам јавно да поставам прашање дали е само случајност тоа што Зоран Заев ветил рудник на Бојко Борисов, тоа што рудник не се дозволуваше да се отвори, ама откако влегол сомнителен капитал од Кајмански острови, а за директор влегува бугарски државјанин односно син на еден од најголемите бизнисмени во Бугарија наеднаш судот носи различна одлука. А, ова е прашањето на кое што очекува одговор голем дел од Источна Македонија – појасни Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.