Капиталните инвестиции се на историски најниското ниво од 20%, а од друга страна задолжувањето е најмалку двојно поголемо. Каде одат парите? Ниту една влада предводена од СДСМ не се пофалила со капитални инвестиции, но дефинитивно оваа влада ќе биде запомнета за потрошени најголем број на средства од буџетот на државата за непродуктивни трошоци и најмалку реализирани ветувања кон граѓаните, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за транспорт и врски Владо Мисајловски во интервју за Вечер.мк.
Веќе трета година не можеме да видиме ниту еден нов капитален проект на оваа влада, ветувањата од 500 километри нови автопати, 800 километри експресни патишта или пак 1.000 километри локални патишта останаа само како празни зборови и уште една невистина во портфолиото на оваа гарнитура.
Иако се расфрла владиниот ПР дека блескаме на секое ниво, за жал реалноста е поинаква и имаме пад во економијата, а посебно во градежниот сектор.
Најавата за нов Клинички центар ја слушаме веќе трета година, а остануваат многу дилеми што се непознати: никој го нема видено проектот за нов клинички центар, никој ја нема видено предмет-пресметката колку ќе чини оваа градба, дали средствата се обезбедени, дали се подготвени основните проекти за градба и дали е започнато со прибавување на потребните одобренија за градење. Се крие од јавноста целиот проект, а слушаме дека ќе чинел над 500 милиони евра, но познавајќи ја оваа влада, сигурно во позадина се работи за некој нивни бизнис интерес, вели тој.
Мисајловски констатира дека од лидер во регионот по странски инвестиции сега сме на самото дно. И Фајненшл тајмс посочува дека Србија е лидер по странски директни инвестиции во регионот иако истовремено Владата вели дека имаме рекорден прилив во буџетот од странските директни инвестиции.
Гледајќи го тимот кој е задолжен за привлекување на странски инвестиции, можевме од старт да предвидиме дека ќе се случи тотален колапс на оваа тема. Падот од 15 места е загрижувачки, но трендот покажува дека се очекува и наредните години инвеститорите да заминуваат од Република Македонија или да бараат подобра бизнис клима.
Поради корупцијата и рекетот од страна на власта, но и неефикасноста на институциите да се стават на располагање на секој инвеститор, веќе исчезнуваме на мапата за атрактивни бизнис дестинации.
Претходната влада оствари многу контакти и договори со десетици инвеститори кои веќе ја имаа донесено одлуката да инвестираат во Македонија по неколкугодишни преговори и убедувања, но само дел од тие компании инвестираа и затоа падот не е уште поголем и е само 15 места. Но, поради недоволниот ангажман на оваа власт повеќе не сме интересна земја за инвестирање и самите инвеститори заминуваат во соседството. Жално е што огромен систем и организација за привлекување на странски инвестиции креиран од претходната влада не го превземаа и го унапредија, туку оваа власт го урна и треба од темел да се фати целата стратегија како нашата земја повторно да стане атрактивна и пожелна земја за економија.
Затоа е потребна Обнова на Македонија и нова влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи само така можеме да имаме нови проекти, нови градинки, нови болници, нови зголемувања на платите, нови болници, нови патишта и се разбира нови директни инвестиции, заклучува тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.