На денешната Владина седница, на дневен ред е и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данок на имот. За втор стан, за куќа во која не се живее, или за деловен простор што не се користи, данокот на имот треба да биде поголем за трипати во однос на просторот кој се користи, најави премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле.
Според Заев, идејата е со законот драстично да се зголеми данокот на имот за сите оние што поседуваат недвижности, а не ги користат, вклучително и земјоделско земјиште, како и државен имот.
Во него ставаме трипати повисок данок на имот за сите што имаат втор стан, трета куќа, деловен простор, сѐ што не е искористено, пред сѐ од државата – вели Заев.
Тој нагласува дека законот еднакво ќе важи и за физичките и за правните лица, кои поседуваат имот што не е во функција.
На пример, имаме неискористени детски одморалишта. Во таков случај државата ќе плаќа трипати повисок данок на општината во којашто се тие. Ако не, нека го продаде или нека го изнајми и нека го стави во функција – рече Заев.
Иако сега Заев најавува зголемување на даноците, во програмата „Можеме“, со која СДСМ заедно со коалицијата излезе на последниве предвремени парламентарни избори, ништо не е споменато за законски измени за данокот на имот. Таму пишува дека данокот на личен доход останува 10 проценти, но дека партијата останува доследна на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консензус за негово воведување.
Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална јавна дебата и преговори, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз, пишува во Програмата на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.