Никогаш повеќе од Стопанската комора нема да испратат свој бизнисмен во владата за да биде малцинство, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора во емисија на Радио Канал 77.

Имавме трипати такво искуство, со Хари Костов, Минчо Јорданов и Кочо Анѓушев и сите завршија лошо со страшни конфликти за прогресивниот данок, буџетите. Внесовме некои бизнис логики, размислувања и насоки кои во наредниот период се надеваме дека ќе се преточат во владините проекции и политики, но нема шанси повторно да прифатиме покана за учество во владата – рече Азески.

Според првиот човек на комората бизнисот треба да биде на бизнисмените, а политиката на политичарите кои треба да бидат професионалци кои ќе користат совети од стручни луѓе и кои ќе знаат на најдобар начин да ги менаџираат кадровските ресурси.

Азески го посочува примерот со употребата, патентирањето и заштитата на името Македонија во трговските брендови и марки кои се актуелни согласно Преспанскиот договор. Комората предложила на владата да ангажира странски експерти за да им помогне на македонските бизнисмени кои за разлика од грчките колеги немаат речиси никакво искуство во оваа област, за да не ни се повтори ајварот кој иако е автентичен македонски производ го регистрираа Словенците.

Според Азески, Македонија треба да биде тоа што е природно, крстопат, но за жал политичките елити не го слушаат бизнисот.

Крстосница на патишта, само тоа е нашата стратешка предност. Да изградиме две пруги, два автопати, два гасовода, два нафтовода, да бидеме крстопат на транзитни коридори. Турците ни градеа до Солун, Србите железница до Битола, Бугарите до Кочани, ние почнавме до Крива Паланка и застанавме, не сме изградиле ништо. Ќе го решиме спорот ако со Бугарија градиме патишта, правиме бизнис, разговараме за проекти, инвестиции а не за Гоце Делчев и Самоил – рече Азески.

Стопанската комора е против зголемувањето на минималната плата од страна на владата и против тоа недела да биде неработен ден со закон.

Минималецот може да биде и 30 000 денари ако се базира на зголемена продуктивност, а не на владин декрет што е против сите пазарни и бизнис логики. Истото тоа важи и за недела неработен ден. Ако се биде по закон со платени дневници, прекувремено зошто кој сака да не работи. Треба ли Охрид како туристички центар да се затвори за викенд – вели Азески за мешањето на политиката и бизнисот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.