Дигиталните (Крипто) валутите не се законско средство за плаќање во нашата земја, а вложувањето во нив во земјава е незаконско и се смета за високо ризично. Вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства, предупредуваат од Народната банка.
Ова се дел од одговорите на прашањата поврзани со криптовалутите кои се објавени на веб-страница, НБРМ.
Оттаму истакнуваат дека во Македонија, како и во други земји, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.
Сите што вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од исклучително високата променливост на нивната пазарна цена, што значи дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока). Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула – наведуваат од НБРМ.
При вложувањето во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки.
Со оглед дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот. Финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам – дополнуваат од Народната банка.
Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.
Со оглед дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво – се наведува во соопштението на Народната банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.