Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто ги разгледа и усвои Годишниот извештај за 2019 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2019 година.
Како и кризните епизоди од минатото, така и глобалната корона-криза покажува дека за брза и ефикасна реакција, неминовно е постојано да се вложува во институционалниот капацитет, да се водат прудентни политики и да се создава простор којшто може да се искористи кога треба да се справуваме со шокови. И минатата година успешно ја одржавме ценовната стабилност преку одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и обезбедивме натамошно зајакнување на финансиската стабилност во економијата. Притоа, не само што водевме приспособлива монетарна политика, туку и презедовме низа активности насочени кон подобрување на целокупниот амбиент. Во исто време, постојано работевме на јакнење на нашиот институционален капацитет, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во воведното обраќање на усвоениот Годишен извештај.
Во Извештајот е даден детален осврт на водењето на монетарната политика и на макроекономскиот амбиент, како и на позначајните активности коишто Народната банка ги презеде во текот на минатата година, остварувајќи ги своите законски цели и задачи и унапредувајќи го своето работење во согласност со најновите меѓународни стандарди и добрите практики во централнобанкарската заединица.
Меѓу другото, во текот на минатата година, Народната банка ги интензивира активностите за продлабочување на соработката меѓу финансиските регулатори, како во насока на постојано јакнење на финансиската стабилност, така и во насока на унапредување на финансиската едукација и финансиската инклузија. Интензивно се работеше и се остварија и значајни резултати и во областа на статистиката, при што станавме осумнаесетта земја во светот којашто има пристапено кон највисокиот статистички стандард СДДС плус, а беше пуштен во употреба и новиот статистички веб-портал „НБСтат“. Со цел засилено поттикнување на развојот и примената на финансиските иновации, Народната банка ја отвори Портата за иновации – платформа за комуникација со финтек-секторот, а се работеше и на новата регулатива за платежните услуги и платните системи, којашто во голем дел ќе биде усогласена со законодавството на Европската Унија. Во насока на поддршка на електронската трговија се либерализира отворањето и поседувањето кориснички сметки кај електронските сервиси за платежни трансакции. Постојано се работеше на приближување на стандардите на Европскиот систем на централни банки, при што беше формиран и Комитет за евроинтеграции. Истовремено, постојано се вложуваше и во јакнење на транспарентноста на Народната банка и на унапредување на комуникацијата со јавноста.
Како што е нагласено во Извештајот, Народната банка и натаму ќе биде посветена и доследна на остварувањето на своите цели.
Податоците и констатациите во усвоениот Извештај за ризиците во банкарскиот систем потврдуваат дека системот е здрав и стабилен и поставен на цврсти основи, како и дека е подготвен да се справи со различни шокови, вклучително и со неповолните ефекти од тековната здравствена криза. Народната банка, преку постојаното унапредување на стандардите во согласност со европските регулативи, но и банките со нивното прудентно однесување, овозможија одржување висока и стабилна ликвидност и солвентност. Ова се двата основни столба на стабилноста на банкарскиот систем, чии обем и квалитет секако ќе придонесат банките полесно да се справат со предизвиците коишто ги носи појавата на коронавирусот.
На крајот на минатата година стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,3%, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. Безмалку половина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на капиталните додатоци утврдени согласно со супервизорската оцена и на заштитните слоеви на капиталот, коишто се особено значајни во кризни услови, кога може да се искористат за справување со предизвиците од различна природа. Спроведеното стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и банкарскиот систем во целина, минатата година отпорноста на шокови е зголемена, споредено со 2018 година.
Како што е посочено во Извештајот, во текот на минатата година, ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, главно поради растот на ликвидните средства, којшто е највисок во последните девет години. Следствено, и показателите преку кои се следи и оценува ликвидноста забележаа подобрување. Дури една третина од активата на банкарскиот систем е ликвидна актива, која покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата. Потврда за задоволителниот обем на ликвидни средства којшто им овозможува на банките непречено извршување на своите деловни активности се и резултатите од симулациите за комбинирани ликвидносни шокови. Тие упатуваат на соодветно управување со ликвидносниот ризик од страна на банките и задоволителна отпорност на претпоставените екстремни ликвидносни одливи.
Во овој период, токму структурниот вишок на ликвидноста и добрата капитализираност на домашните банки, придонесуваат за нивниот солиден капацитет и подготвеност да излезат во пресрет на потребите на своите клиенти. Особено значајно е и што минатата година, изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик е намалена. Стапката на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намали до историски најниско ниво од 4,8%, односно 95,2% од кредитите на банките се сервисираат редовно или со задоцнување најмногу до 90 дена.
Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем и минатата година продолжи со профитабилно работење, иако со помала добивка и следствено пониски показатели за повратот на капиталот и активата, споредено со 2018 година.
На седницата, Советот донесе и регулаторни измени со коишто се овозможува банките и штедилниците со промена на договорните услови да го олеснат финансискиот товар и на кредитокорисниците на коишто кредитот им е одобрен во периодот од 1 до 24 март оваа година. Поконкретно, со одлуката донесена во текот на минатиот месец беа опфатени кредитокорисниците коишто до крајот на февруари немале проблем со отплатата на кредитните обврски. Со донесените дополни регулаторни измени, сега се овозможува ист третман и на клиентите на банките и штедилниците коишто добиле кредитна поддршка во текот на март, до стапување во сила на регулаторните измени согласно со коишто веќе беа објавени понуди за одложување на наплатата на кредитните обврски.
Советот донесе и одлука со којашто се укинува надоместокот за давање податоци на физички лица од Кредитниот регистар на Народната банка за нивната задолженост кон банките и штедилниците. Понатаму, сите граѓани коишто ќе имаат потреба, потврдата од Кредитниот регистар ќе ја добиваат бесплатно, со што ќе се придонесе за олеснување на нивниот финансиски товар.
На седницата беа донесени и измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со коишто се обезбедува посоодветна примена на одредбите на Европската регулатива за капиталните барања.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.