Народната банка одржа неколку состаноци со претставници на Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со втор период на одложена отплата на обврските на клиентите по основ на кредит. Регулаторната можност банките на своите клиенти да им понудат и втора промена на договорните услови за кредитни производи треба да придонесе за натамошна поддршка на економијата во целина, во справувањето со предизвиците наметнати од ковид-кризата.
Со регулаторните измени коишто ги донесе Советот на Народната банка, предвидено е дека банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи. Целта е да се помогне на оние клиенти кои се негативно погодени од пандемијата на ковид-19, информираат од Народната банка на Македонија.
Условите и начинот на промена на договорните услови за втор период на одложување на отплатата на обврските по основ на кредит треба да го дефинираат банките.
Се очекува во своите понуди, банките да имаат јасно дефинирани критериуми за одобрување на втор период на одложена отплата, со цел да се помогне на клиентите кои се погодени од ковид-кризата. Истовремено, се очекува начинот на промена на договорните услови да биде најсоодветен за клиентите и да овозможи брз, сеопфатен и ефикасен пристап до сите коишто имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар заради ковид-кризата, а истовремено да се заштити и нивното здравје. Вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид-кризата може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година, соопшти Народна банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.