Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, најави дека полагањето за сертификати на возачи преку електронскиот систем ќе почне многу наскоро, односно во текот на наредните денови. Бочварски вели дека се подготвуваат сите последни детали во фирмата која е одбрана да го спроведува преку електронски систем, во делот на просторните услови и можностите кои треба да бидат предвидени согласно законот.

Како што посочи Бочварски, во текот на наредните денови ќе бидат повикувани сите транспортни компании со нивните вработени возачи да пристапат кон можноста да полагаат.

Верувам дека за неколку недели овој проблем ќе биде намален и надминат. Набавката која беше планирана во Генералниот секретаријата на Владата е завршена и е избрана фирма која ќе ги врши испитите не само во делот на транспортот, туку и во делот на другите ресори во кои има таков тип на електронско полагање и во Министерството за правда, но и во останатите министерства. Во Транспорт и врски прашањето беше во делот на полагањето за сертификати на возачите и можам да кажам дека тоа е надминато – изјави Бочварски.

Поради доцнењето со формирањето на Државниот испитен центар за сертификација околу 800 транспортери не можат да возат надвор од земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.