Дијаспората во текот на 2020 година испратила 361 милион евра, што е околу 3,4 проценти од БДП на земјава, но сепак тоа е најмалку споредено со земјите од регионот, каде според податоците од Евростат личните дотации од странство во Србија се околу 7,2 проценти од БДП, во Босна и Херцеговина – 9,3 %, Албанија – 9,8%, Црна Гора – 12,5% и Косово – 18,5 % од БДП.
И во апсолутни бројки, имаме најмали дотации од дијаспората, споредено со целиот регион. Најголем прилива на средства од странство има Србија – 3,37 милијарди евра, потоа следат Босна и Херцеговина – 1,63, Албанија – 1,27, Косово – 1,25, Црна Гора – 524 милиони и на крај Македонија со 361 милион евра.
Според податоците од Евростат, во рамки на ЕУ најголема зависност од лични дотации од странство во 2020 година имале Хрватска – 7,3 проценти од БДП, потоа Летонија – 3,2 проценти од БДП и Романија – 3,1 процент.
Процентот на зависност од странски дотации, се пресметува како процентот на вкупните лични трансфери во однос на вкупниот БДП на земјата.
Податоците од Евростат покажуваат дека во 2020 година текот на пари испратени од резиденти на ЕУ во земји кои не се дел од ЕУ, како лични трансфери изнесуваат 34,1 милијарда евра, што е раст од 3 проценти споредено со 33,2 милијарди евра во 2019 година. Поголемиот дел од личните трансфери се состојат од пари испратени од мигранти во земјите од кои потекнуваат.
Приливот на пари во ЕУ во 2020 година изнесува 12 милијарди евра, што е намалување од 6 проценти, споредено со 12,8 милијарди евра во 2019 година.
Над половина од дотациите кон надвор, остануваат во границите на ЕУ, односно околу 53 проценти од вкупните лични дотации во 2020 година се меѓу земји членки на Унијата, што не е изненадување со оглед на слободниот пазар на труд во рамки на ЕУ.
Сепак, постојат значителни разлики меѓу самите земји-членки на ЕУ во однос на движењето на дотациите. Така, во земји како Полска (98%), Шпанија (93%), Грција (91%), Литванија (84%) ) и Италија (82 %) одливот на лични дознаки претежно оди во економиите надвор од ЕУ, додека Ирска (93 %), Италија (80%) и Литванија (76 %) најголем дел од дознаките ги примаат главно од земји надвор од ЕУ. Економиите кои најмногу се фокусирани на ЕУ во однос на меѓународните дознаки се Луксембург каде само 0,6 отсто од вкупните одливи се надвор од ЕУ и Словенија каде само 6,8 проценти од вкупните приливи се надвор од ЕУ.
Во земјите од регионот најголем одлив има Србија – 342 милиони евра, а најмал Македонија – 24 милиони евра. По Србија, следат Албанија – 109 милиони евра, Црна Гора – 85 милиони евра, Босна и Херцеговина – 84 милиони евра и Косово – 43 милиони евра.
Најголем дел од средствата кои се префрлаат како лични дотации во други земји доаѓаат од економиите на Германија – 17.4 проценти, Франција – 11,6 отсто, Луксембург – 11,3 проценти и Холандија – 10,7 отсто од вкупните лични дотации на ниво на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.