Намалена економска активност, односно БДП од минус 3,5 проценти за годинава предвидува Народната банка во своите ревидирани макроекомонски политики. Овој пад следи по солидниот раст од 3,6 проценти остварен лани, но затоа пак се очекува следната година економијата да порасне за 4,7 проценти, а понатаму да се врати кон среднорочните прогнози од четири проценти.

Се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка. Кај личната потрошувачка очекуваме пад од околу 4 проценти поради пад на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност. Падот кај бруто инвестициите е околу 10 отсто поради помали странски, но и домашни-јавни и приватни инвестиции, поради зголемена неизвесност и забавена кредитна поддршка. Кај извозот падот би бил околу 17 проценти поради намалена странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашни рестриктивни мерки. Намалената лична и инвестициона побарувачка и падот на извозот ќе доведе и до пад на увозот од околу 15 отсто, рече гувернерката и додаде дека јавната потрошувачка ќе се зголеми за 6,6 проценти.

Ревидирана е и стапката на инфлација споредено со октомвриската проекција. Сега се проценува дека таа годинава ќе биде околу нула (претходно се предвидуваше 1,5 отсто), додека за наредната година е проектирана стапка на инфлација од 1,5 отсто.

Народна банка констатира дека во првото тримесечје од годинава имало солиден депозитен и кредитен раст од 7,9 отсто, односно од 5,8 проценти, но, поради кризата, се очекува забавување на депозитниот раст на 2,3 отсто, а на кредитниот на 3 отсто. Понатаму, на среден рок би имало постепено забрзување до околу осум проценти кај депозитниот и седум проценти кај кредитниот раст.

За годинава е проектиран и дефицит на тековната сметка од 3,2 отсто од БДП, што е над октомвриската проекција од 1,3 проценти.

Годинава на глобално ниво, па и кај нас има намалување и на дознаките од странство.

Дознаките, односно приватните трансфери, се околу 15 отсто од БДП и тие играат значајна улога за финансирање на домашна побарувачка. Две третини се насочени кон потрошувачка, другото е штедење, инвестиции и слично. Во глобални рамки се очекува дознаките да забават за околу 20 проценти во споредба со 2019 година. Падот на приватните трансфери кои доаѓаат преку банкарските канали, но и проценетата готовина кај нас би бил околу дваесетина проценти, или два до три отсто од БДП. На среден рок очекуваме да се вратат на повисоко ниво, но на пониско од сегашното како процент од БДП, кој изнесува околу 14,5 отсто – појасни гувернерката на НБМ, Анита Ангеловска Бежоска.

За странските директни инвестиции рече дека се надолно ревидирани, на 1,6 отсто од БДП, што е едно од најниските нивоа досега. Но, додаде, понатаму се очекуваат посилни текови.

Девизните резерви според проценките на Народната банка се на адекватно ниво, на што укажуваат сите нивни елементи.

Гувернерката рече дека поради корона-кризата ризиците кои ја следат секоја проекција за оваа се исклучително високи. Тие произлегуваат од надворешното опкружување, но и од домашниот контекст. Пролонгираната здравствена криза или втор бран на кризата може да значи поголем пад на глобалната активност, позначајно меѓусекторско прелевање, подлабоки ефекти врз билансите на компаниите, поголема аверзија кон ризик и затегнување на меѓународните финансиски пазари. Влошеното надворешно окружување, пак, заедно со пролонгирањето на здравствената криза кај нас може да доведе до побавно закрепнување на извозот и домашната побарувачка, да ги намали девизните приливите, да го зголеми ризикот од повратна врска помеѓу реалните и финансиските текови, да го отежне пристапот до пазарите на капитал.

Во случај на материјализација на некои од овие ризици можно е потенцијално отстапување од проекцијата во сите сегменти, вклучително и поголем пад на БДП. Симулација на двојно подлабок пад на странската ефективна побарувачка во 2020 година, односно пад од 10 отсто (наспроти 5 отсто) би довела до подлабок пад на БДП за 2,3 процентни поени – посочи Ангеловска Бежоска.

Таа рече дека во зависност од тоа како ќе се одвива кризата, која на глобално ниво е најостра од деведесеттите години наваму, Народната банка ќе излезе со нови, ревидирани макроекономски податоци и нема да ја го чека времето за редовната ревизија во октомври годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.