Народната банка и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) заеднички ќе се залагаат за натамошно унапредување на заштитата на потрошувачите – корисници на услугите на банките и штедилниците, во согласност со добрите практики и стандардите во Европската Унија (ЕУ). Се планираат координирани активности за унапредување на регулативата поврзана со заштитата на правата на потрошувачите, како и за обезбедување уште подобро и поефикасно информирање на потрошувачите од страна на банките и штедилниците. Во дел од активностите на Народната банка и ОПМ, акцентот ќе биде ставен и на уште поголема финансиска едукација на населението. Со ваква цел и определби за првпат се склучи меморандум за соработка помеѓу Народната банка, претставена од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и ОПМ, претставена од претседателката, Маријана Лончар-Велкова.
Во текот на минатата година бевме посветени и на подготовка на нова регулатива за платежните услуги, којашто ќе овозможи и повеќе механизми за институционална заштита на потрошувачите, што е и една од поновите функции на современите централни банки. По почнувањето на корона-кризата, посебно се им посветивме на измените на регулативата со коишто им се овозможи на банките и штедилниците да им излезат во пресрет на кредитокорисниците и да овозможат намалување на нивниот финансиски товар во повеќемесечен период, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска на средбата на која беше склучен меморандумот.
Таа истакна дека заради успешно остварување на функцијата на заштита на потрошувачите, Народната банка вложува и во едукација на својот кадар во оваа сфера и обезбеди механизми преку коишто може да се следат релевантните искуства од европската централнобанкарска заедница, за да се успее најдобрите европски практики постојано да се спроведуваат и кај нас, во рамките на можностите дадени со регулативата.
Во Програмата за работа на Народната банка за оваа година се опфатени и повеќе активности за унапредување на нашата поставеност како централна банка во оваа сфера. Неодамна е воспоставена и Работна група во рамките на Народната банка, којашто треба да подготви предлог-рамка на активностите во сферата на заштита на правата на клиентите на банките и штедилниците, во согласност со искуствата на европските централнобанкарски практики. Едукативните активности на Народната банка во последните години се насочени кон разработка на конкретни прашања од доменот на банкарските услуги и правата на клиентите. Независно од посветеноста на предизвиците од корона-кризата, ќе продолжиме да работиме и на спроведувањето на овие активности, што се надевам ќе даде видливи резултати во натамошниот период. Токму во тој контекст очекувам дека особено ќе биде важна и плодотворна соработката со ОПМ, преку којашто ќе настојуваме да бидеме и во уште понепосреден контакт со потрошувачите коишто се корисници на услугите на банките и штедилниците, рече Ангеловска-Бежоска.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова посочи дека склучувањето на меморандумот со Народната банка ќе придонесе за унапредување на правата на потрошувачите како корисници на финансиските услуги, пред сѐ преку унапредување на законската регулатива, едукација на потрошувачите и транспарентно информирање за продуктите на банките и штедилниците и за правата на потрошувачите при користењето на нивните услуги.
ОПМ во рамките на своите активности во наредниот период ќе се посвети на заштитата на потрошувачите како корисници на финансиски услуги, со посебен акцент на потребата од изработка на водичи наменети за потрошувачите – корисници на потрошувачки и хипотекарни кредити, калкулатори за избор на најповолен кредит како продукт на банките, како и поттикнување механизми за спогодбено решавање на проблемите помеѓу потрошувачите и банките. Во текот на корона-кризата, доставивме и барање до Народната банка во врска со можностите за привремено олеснување на финансискиот товар на засегнатите кредиткорисници, при што беше одбележано дека регулаторните измени коишто тогаш веќе беа донесени се во согласност и со нашите предлози. Секако, ОПМ и натаму ќе ја следи кризата и потребата од проширување на мерките во согласност со потребата на потрошувачите, истакна Лончар-Велкова.
Согласно со меморандумот, Народната банка и ОПМ ќе соработуваат и преку спроведување проекти, вклучително и проекти преку коишто ќе се обезбеди подобра информираност на потрошувачите.
Ангеловска-Бежоска и Лончар-Велкова на средбата ја истакнаа заемната решеност и подготвеност на Народната банка и ОПМ, приспособувајќи се на условите што ги наметнува состојбата со пандемијата на ковид-19, веќе да се започне со заедничките активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.