Во фокусот на новиот Стратегиски план на Народната банка, меѓу другото ќе биде и финансиската едукација и инклузија што би овозможило поголема вклученост на населението. Една од стратегиските цели е и развивањето на свесноста за климатските промени и давањето придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што би придонесло за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и подобрување на нивниот животен стандард.
Со издвојувањето на стратегиска цел за транспарентност и отчетност, Народната банка ќе продолжи со активностите за навремено информирање на сите заинтересирани ентитети за своите одлуки, активности, согледувања и оцени, коишто се од значење за економските субјекти и граѓаните, вклучително и во процесите на носење одлуки.
Стрaтегискиот план на Народната банка е поставен под мотото „Централна банка којашто со флексибилни, соодветно осмислени и навремени одлуки, во време на брзи промени и дигитална трансформација, придонесува за повисок животен стандард на граѓаните преку создавање амбиент на одржлив и инклузивен економски развој”. Преку деветте стратегиски цели, Народната банка и понатаму ќе им биде посветена на унапредувањето на процесот на спроведување на монетарната политика, на стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, на управувањето со девизните резерви, а сето тоа заради обезбедување услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги.
Истовремено, со оглед на тоа дека живееме во време на забрзани промени на глобалната сцена, како резултат на процесите на глобализација, дигитализација, иновација, климатски промени и глобална здравствена пандемија, Народната банка стави акцент и на овие нови трендови во овие области.
Стратегискиот план на Народната банка претставува среднорочна рамка за следните три години, согласно со која ги остваруваме нашите активности и нашата визија да бидеме препознаени како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција, којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.