Ковид-19 влијаел на промената на потрошувачите навики на македонските е-купувачи и 36 проценти од нив го зголемиле обемот на онлајн купување. Од почетокот на кризата е забалежан раст од 177 проценти во онлајн трансакциите кон домашните е-трговци. Најголем предизвик за е-трговците е ниското ниво на дигитални вештини на населението, а потоа наоѓањето квалификуван кадар.
Ова се заклучоците на конференцијата за е-трговија „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!“, што се одржува онлајн, во организација на Македонската асоцијација за е-трговија.
Е-трговците дале просечна оценка 4.2 за тоа дека Ковид-19 отвори можности за раст и развој на е-трговијата, а 3.6 за тоа колку ги искористиле можностите. Како резултат на кризата 10 проценти го намалиле бројот на вработените, 22 проценти го зголемиле, а 15 проценти затвориле дел од физичките локации. Вкупната продажба се зголемила кај 46 проценти, а се намалила кај 29 проценти од е-трговците.
Како што истакна на презентацијата на анализата, претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска, Македонија е рангирана на врвот (после Косово) по ниско целокупно ниво на дигитални вештини на населението.
За 59 проценти од е-трговците, најголем предизвик претставува ниската дигитална писменост на населението, а на второ место е наоѓањето соодветен кадар. Најголема бариера е ниското ниво на свест и навики за он лајн купување и недовербата – информираше Ангеловска.
Таа порача дека сега е историски момент за е-трговијата и оти овие исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација.
Сега повеќе од кога било имаме шанса да го забрзаме патот кон смарт и дигитално општество кое значи праведно и правично општество, општество кое нуди еднакви шанси и можности за сите, кое овозможува побрз, позелен и одржлив економски развој. Македонија има голем потенцијал за е-трговија, само треба што поскоро да го отклучиме и да ја ставиме дигитализацијата на нашата нација во петта брзина – наведе Ангеловска.
Јориј Абрахам, директор на европската Е-commerce foundation што ги обединува сите асоцијации за е-трговија во Европа, предвидува дека поради новонастанатите околности е-трговијата ќе се развива масовно во државава.
Корона вирусот не донесе толку негативности бидејќи економскoто нарушување доведува до креативна деструкција – изјави Абрахам.
Како пример тој го посочи САРС вирусот во 2002 година, којшто, како што рече, го забрза влезот на Интернетот во Кина и воведувањето на „Алибаба“ и „JD.com“.
Во однос на прогресот на е-трговијата остварен од 2017 до 2019 година, според Ангеловска, имаме предуслови за побрз развој на е-трговијата, а сепак се движиме со далеку послабо темпо од останатите земји. Во 2019 година, 36 проценти од населението со интернет пристап направило онлајн нарачка, наспроти 20 проценти во 2017 година. Просекот во европските земји изнесува 71.
Вредноста на онлајн трансакциите кои Македонците ги направиле кон домашни е-трговци во вториот квартал годинава бележи раст од 177 проценти. Позитивно е што структурата се менува и повеќе купувања/плаќања се прават кон дома – наведе Ангеловска.
Кај 66 проценти од анкетираните е-трговци продажбата на физички локации се намалиле, додека онлајн се зголемила, а 29 проценти забележалале раст и на онлајн и на офлајн продажбите. Ковид-19 влијаел на промена на навиките на е-купувачите, од анкетираните 2.800 испитаници, 37 проценти значително повеќе купуваат онлајн, близу 20 проценти прв пат почнале да плаќаат сметки онлајн и да користат владини е-услуги. Пониската цена има најголемо влијание на одлуката за онлајн купување.
Како што објасни Ангеловска, речиси половина од анкетираните (47 проценти) се изјасниле дека прават нарачки преку социјални медиуми при што 48 проценти од нив никогаш не добиваат фискална сметка. Иако најголем дел од нив се запознаени со ризиците дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се учесници во сивата економија тие велат дека ги прифаќаат ризиците и го прават тоа затоа што им е позгодно и полесно.
Од 40 проценти од e-трговците кои кажале дека примаат вакви нарачки, 37 проценти од нив стравуваат дека ќе ја изгубат потенцијалната продажба ако не ги прифаќаат нарачките директно преку пораки.
Четириесет и три проценти од испитаниците на прашалникот на Асоцијацијата рекле дека почнале со е-трговија во 2020, 87 проценти имаат сопствена е-продавница, 25 проценти имаат мобилна апликација. Четирисете проценти продаваат само онлајн, а останатите и на физички локации. Триесет и два процента како начин на плаќање нудат само онлајн со картичка, 80 проценти вршат достава на производите, 17 проценти нудат само услуги, 70 проценти продаваат само на домашен пазар.
Клучно за потикнување на е-трговијата, според препораките од анализата, се едукацијата, зголемувањето на дигиталните вештини, намалувањето на сивата економија, како и субвенции и даночни олеснувања. Потребно е и модернизирање и дигитализација на институциите за елиминирање на комплексните административни процедури, промотивни активности за зголемување на свеста, како и обновување на регулативата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.