На територијата на Град Скопје, во текот на 2018 година се издадени 4.219 одобренија за градба на станбени единици, од кои најголем број на одобренија – 1.380, се издадени од општина Аеродром, по којашто следува општина Центар, со издадени 1.072 одобренија за градба. Овие бројки за издадени одобренија за градба во главниот град за минатата година сумарно беа соопштени на денешната прес конференција на FORTONMKA, консултантска компанија за комерцијални недвижнини и партнер на глобалната алијанса на Cushman & Wakefield – најголемата приватна консултантска компанија за комерцијални недвижности во светот.

Притоа, беше објавен Прегледот и движењата на пазарот на недвижности за минатата година, како и очекувањата за 2019 година, во сегментите на станбениот, канцеларискиот, малопродажниот и индустрискиот простор.

Што се однесува до станбениот сегмент, просечната нето цена по метар квадратен во Скопје е највисока во општина Центар и изнесува 1.062 евра/м2, потоа во општина Карпош – 1.022 евра/м2, по коишто следуваат општините: Аеродром – 909 евра/м2, потоа Кисела Вода – 884 евра/м2, Чаир – 790 евра/м2 и општината Ѓорче Петров со просечни 780 евра за м2. Пазарот ги диктира и типовите на становите – најбарани се станбените единици со помали квадратури, од 36 м2 до 52 м2, односно со квадратури од 53 м2 до 67 м2.

Цените во Скопје ќе останат стабилни. Но, доколку продолжи забавувањето на градежните активности, се очекува пораст на цената на станбениот простор на среден рок. Инаку, традиционално, пазарот на станбен простор во македонската престолнина е стабилен и влева доверба кај потенцијалните инвеститори. Тоа е поткрепено и со показателот за процентот на нефункционални станбени кредити, којшто е под два отсто, додека овој процент на корпоративно ниво е позициониран на приближно десет отсто, рече Влатко Богоевски, Извршен Директор на FORTONMKA.

Во оваа консултантска компанија за комерцијални недвижнини, пазарот на канцелариски простор го сметаат за стабилен, а како најактивни и главни двигатели ги детектираат локалните и веќе постоечките компании. Новите проекти кои се очекуваат во 2019 година ќе ја зголемат вкупната понуда на канцелариски простор за речиси десет отсто (за 24.000 м2), но не се очекува промена на висината на закупнините. Цените на закуп се движат од 11 до 15 евра/м2 за класа А канцелариски простор во Централното Бизнис Подрачје и од 9 до 11 евра/м2 за класа А канцелариски простор во останатиот дел од Скопје. Додека, пак, за класа Б канцелариски простор, закупнините се позиционираат од седум до десет евра/м2 во Централното градско подрачје и од пет до седум евра/м2 во останатиот дел од градот. Времето за поврат на инвестиција за канцелариски простор е 11,5 години.

Пазарот бележи зголемен интерес и потреба за инвестиција во проекти таканаречени “уредени за свои потреби” или ,,Build-to-suit” концепти според специфичните барања и потреби на потенцијален закупец. Проектот Skopje East Gate ќе понуди модерен канцелариски простор според ,,Build-to-suit” концептот со вкупна нето површина од 66.000 м2, распоредени во 5 кули, – велат консултантите од FORTONMKA.

Скопје има потреба од малопродажни објекти.

Со само 0,15 отсто слободен простор од вкупната понуда на малопродажен простор од 105.157 м2 во трговските центри / молови, градот Скопје има голема потреба од малопродажни објекти од овој тип. Најголемиот проект од овој тип во државата и ,,new generation mall” ќе биде Skopje East Gate, со нето површина за изнајмување од 52.000 м2, ќе биде изграден и доставен на пазарот кон крајот на 2020 година. Интерес и потреба од ваков тип на малопродажни објекти има и во останатите градови во државата. Во врска со цените за закуп на малопродажен простор, тие се стабилни и изнесуваат 39 евра за м2 на главните локации во трговските центри – молови и 30 евра за м2 за малопродажен простор на главните пешачки зони. Заради рекордно нискиот процент на слободен простор во трговските центри, се очекува пораст на цените на закуп. Времето за поврат на инвестиција за малопродажен простор е 11 години, истакнува Богоевски.

Во FORTONMKA потенцираат дека пазарот на индустриски простор е меѓу најбрзорастечките во индустријата. Најголем број од инвестициите во индустриски простор се концентрирани во индустриските зони околу главниот град Скопје и во слободните индустриски зони, кадешто инвеститорите уживаат низа даночни бенефиции. Нови 106.000 м2 индустриски простор се во изградба (започнати во 2018 година), а процентот на слободен простор во постоечките капацитети е околу 30 отсто. Закупнините на индустриски простор во голема мерка зависат од големината и состојбата на просторот, како и од локацијата, па тие се движат помеѓу 3,5 до 5 еур/м2, а во одредени зони и специфични индустрии цените на закуп се и повисоки. Времето за поврат на инвестиција за индустриски простор е осум години.

Пазарот на инвестиции дава позитивни сигнали и влева доверба за периодот којшто следува. Сепак, стапките на принос сè уште заостануваат во однос на регионалните центри во Србија, Бугарија и Романија, како што се Белград, Софија и Букурешт, заклучуваат во FORTONMKA.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.