Начинот на исклучување на потрошувачите од системот за топлинска енергија во Скопје е преземен од европските директиви кои се однесуваат на обновливите извори и енергетската ефикасност. Ние не забрануваме потрошувачите да се исклучат, но треба да покажат дека ќе обезбедат енергетски поефикасен начин на греење за разлика од топлинската енергија, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Не можеме да дозволиме потрошувачите да се исклучуваат од системот за топлинска енергија и да почнат да се греат на струја, бидејќи електродистрибутивната мрежа во Град Скопје не е подготвена да издржи толкав товар од потрошувачи кои би се грееле на струја. Сите мерки кои ги презедовме и ќе ги преземаме во иднина се за да го задржиме системот за дистрибуција на топлинска енергија и да обезбедиме што е можно повеќе потрошувачи да се приклучуваат. При тоа, водиме сметка и за оние потрошувачи кои останаа верни на системот, рече Бислимовски во одговор на новинарско прашање на паузата на Генералното собрание и состаноците на Комитетот за цени и тарифи и Комитетот за лиценцирање и конкурентност на Регионалната асоцијација на енергетските регулатори (ЕРРА) што денеска и утре се одржуваат во Скопје.
Тој посочи дека РКЕ потегна иницијатива пред Владата да добијат соодветна награда потрошувачите кои останаа верни на системот за топлинска енергија во Град Скопје.
Верувам дека во наредниот период тоа ќе се реши. Имаме вин-вин ситуација. Констатиравме фактичка состојба дека исклучените од системот нема потреба да плаќаат, бидејќи не добивале никаква услуга и тоа го внесовме во закон, а од друга страна за приклучените потрошувачи покрај иницијативата што ја поднесовме до Владата ќе изготвиме целосно нов тарифен систем, кој на нивно барање, ќе биде многу поедноставен и поразбирлив, потенцира Бислимовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.