Пропаднаа надежите на македонските власти за рестартирање на економијата кое требаше да случи годинава. Иако минатата година, земјава се задолжи над една милијарда евра, под изговор, да се помогне стопанството во услови на длабока економска, криза која ја предизвика пандемијата со корона вирусот, при што јавниот долг надмина 60% од Бруто домашниот производ, ефектот во економија се минимални, да не речеме незначителни.

Иако за првите месеци од годинава, власта предвидуваше рестартирање на економија, а истото го тврдеа и за време кога го презентираа последниот петти економски пакет мерки за помош на стопанството и граѓаните, по се изгледа дека македонското стопанство е далеку од заздравување и рестарт.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи при презентирањето на пакетот економски мерки на крајот од јануари истакна дека, петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата.

Во време на оваа светска криза, ние сите се прилагодуваме, но она што е начело кое го имаме од почетокот и кое е зад сите политики кои ги носиме, тоа е солидарноста и правичноста при креирање на мерките. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата – подвлече Битиќи во јануари.

Од друга страна Народна банка ја демантира влада, сметајќи дека годинава нема се рестартира економијата со она темпо што го посакува и предвидела власта. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска вели дека за раст на економијата треба уште многу работа и дека од наредната 2022 година може да се очекува раст од на четири отсто.

Економијата годинава ќе порасне за 3,9 отсто. Растот е солиден, но нема да се врати состојбата како пред пандемијата. За тоа, ќе треба уште многу работа. Веќе идната година растот на Бруто домашниот производ би можел да надмине четири отсто – посочува гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Имено, од опозицијата постојано критикуваа дека мерките кои Владата ги носи за поддршка на економијата не се доволни, дека не се добро проектирани и истите се носеа со задоцнување, при што доведе до тоа денеска во Македонија да имаме над 60 илјади граѓани кои ги изгубија своите работни места.

Меѓу другото, власта најавува и друг шести пакет мерки за ублажување на негативните последици и загуби во економијата, при што ВМРО-ДПМНЕ исто така смета дека шестиот пакет мерки кој го најави Владата е задоцнет и нема да ги покрие загубите на најкритичните стопански дејности затоа што истите не одговараат на моменталната економска состојба во државата.
Анализа за ефектите во економијата на помошта која државата ја имплементираше во стопанството ги анализираше и „Фајнанстинк“, каде што до четвртиот пакет мерки пазарот, односно инвеститорите, негативно ги оцени првиот, третиот и четвртиот пакет, при што потенцирано е ниското ниво на реализација на мерките.

Анализата покажува дека пазарот негативно го оцени првиот пакет мерки, но оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета, стои во извештајот на Фајнанстинк.

Јавниот долг, лани порасна за 10 процентни поени и достигна 62,5 отсто од Бруто домашниот производ, додека македонската економија забележа пад од 4,5 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.