Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска му беше домаќин на министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија, Томислав Момировиќ. Двајцата на ГП Табановце поделија бесплатни М-картички за патарина на граѓани на Србија. Такви картички за возила на српските туристи се доделуваат од 15. минатиот месец на ГП Табановце, во знак на благодарност до Србија поради донацијата во вакцини против Ковид 19, а со одлука на Владата.

Преку 41 илјади бесплатни картички досега се поделени на српските туристи, откри министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Оваа мерка, со одлука на Влада, се спроведува од 15 јуни до 15 август кога фреквенцијата на српските туристи е најголема. Досега се поделени преку 41 илјада картички. Процесот продолжува и натаму како гест на благодарност кон граѓаните на Република Србија за нивниот хуман однос, со тоа што во најголемата криза тие доделија бесплатни вакцини за граѓаните од нашата земја. Исто така, ги поканувам да ги посетат нашите туристички центри во Македонија, истакна Бочварски.

Од друга страна, неговиот српски колега Момировиќ, порача дека Србија дава големо значење на односите со Македонија.

Не поврзува историјата и длабоките корени меѓу нашите народи. Србија, во ек на пандемија, покажа дека храбро стои до своите соседи, а така ќе биде и во иднина. Во знак на благодарност, Владата на Македонија, им овозможи на српските граѓани бесплатно да ги користи патиштата. Во име на сите граѓани на Србија им се заблагодарувам на македонските власти, кажа Момировиќ.

Инаку, Бочварски посочи дека двајцата зборувале за соработка на уште повисоко ниво.

Во таа насока ќе го реализираме проектот за „оне-стоп-шоп“ железничка станица тука на Табановце, каде на едно место ќе се завршат сите царински и гранични постапки за побрз проток на луѓе и стока. Можам да најавам повторно воведување на брзиот воз на релација Белград-Скопје-Солун, изјави министерот.

Според него, на најдобар можен начин треба да се искористи и модерната патна врска од Коридорот 10, каде дополнително би се забрзал сообраќајот преку т.н. „брзи ленти“ на граничните премини.

Развојот е условен од подеднаков развој во сите земји од Западен Балкан, со цел да се обезбеди просперитет на граѓаните, да се олеснат трговијата и транспортот. Ние остануваме посветени и на нашиот пат кон Европската унија. Нашето пријателство дополнително ќе го градиме за благосостојба на нашите граѓани, заклучи Бочварски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.