Очекуваме пред Собранието наскоро да се најде на дневен ред ребалансот на Буџетот. Согласно најавените проекции ребалансот на Буџетот е со планиран буџетски дефицит од над 6%, што како таков ќе биде финансиран со нови задолжувања, без притоа да биде создаден нов продуктивен ефект во економијата. Со овој ребаланс предвидени се финансиски средства од над 200 милиони евра, кои според наши сознанија со голема веројатност ќе бидат користени во форма на државни трансфери и со отворена можност да бидат злоупотребени како форма на предизборен поткуп, изјави на денешната прес конференција, Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе од очигледно е дека главниот фокус и на овој ребаланс нема да биде индустријата и реалниот сектор и затоа секое семејство во Република Македонија ќе биде задолжено со нови 400 евра. Истовремено да не заборавиме дека токму оваа владејачка структура го крена долгот на досега највисоко ниво од независноста на државата, односно над 7 милијарди евра или околу 63% од БДП, со потсетување дека задолжувањата и понатаму се зголемуваат со забрзано темпо. Слушајќи декларативни заложби за зголемување на капитални инвестиции истовремено заклучуваме дека реализацијата на истите, заклучно со мај е едвај 22%, вели тој.
Муцунски посочи дека власта ветуваше раст од БДП 5% секоја година, но резултираше со просечен раст од 0,7% за 4 години, а притоа дополнително констатирано е дека БДП во првиот квартал е опаднат за 1,9% споредено со минатата година. Целиот економски пристап на Владата практично се сведува на многу зборови, но малку дела.
Преку планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст, повторно се најавува зголемување на вкупните инвестиции во економијата, намалување на фискалниот дефицит на среден рок и задржување на долгот на стабилно ниво, но како да повторно се случува токму спротивното. Доказ за тоа е неодамна објавената анкета од германската стопанска комора, според која дури 59% од големите германски инвеститори работата на македонската влада ја оцениле како лоша, дури 31% одговориле дека не би инвестирале повторно, што е најголем процент од 2012 до сега. Најлоша оцена има борбата против корупцијата и криминалот.
Народот е се посиромашен, постојано растат цените на храната, поради што и животниот стандард од месец за месец е се полош. Компаниите се на раб на ликвидност, голем број на граѓани ги губат своите работни места, а соодветни и навремени решенија нема на повидок. Во време на силна економска криза недостасува вистински дијалог помеѓу клучните три партнери, односно Владата, работодавците и синдикатите, без чија целосна синхронизација скоро да не е возможно безболно надминување на оваа тешка економска криза. Во време на криза, корпоративниот сектор има потреба од поддршка поради проблеми со ликвидноста и солвентноста, особено кај микро и малите претпријатија. Невозможно е да се остварат позитивни резултати без реални стимулативни мерки и активности што ќе помогнат во зачувувањето на работните места во приватниот сектор, зголемување на продуктивноста во производните дејности и посебно во извозниот сектор, поголема поддршка за земјоделците, дополнителен поттик кон секторот за туризам и угостителство. Напротив, во сите тие сектори сведоци сме на општо незадоволство и разочараност од непостоење на јасен концепт, програмско дејствување и соодветна реализација, истакна тој.
Постојано предупредувавме дека сите стимулативни мерки покрај решавањето на акутните проблеми мора да имаат и развоен карактер, односно покрај поддршката која ќе ја даваат на стопанството и граѓаните истовремено да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања, но во реалноста за жал ја гледаме токму спротивната слика.
ВМРО-ДПМНЕ отворено ќе се спротивстави на ваков ребаланс на Буџет кој никако не може да се квалификува како развоен и во наведената насока нашата пратеничка група е подготвена да понуди рационални решенија. Преку конкретни амандмани ќе дадеме соодветен одговор во насока на креирање продуктивен ребаланс, што ќе биде во интерес на граѓаните и компаниите. Во оваа пандемиска и економско – финансиска криза, ние пратениците, а верувам и сите граѓани посакуваат да видат ребаланс кој ќе даде дополнителен придонес за забрзан регионален развој, поефикасна заштита на животната средина, поголема финансиска помош за компаниите, далеку постимулирани земјоделци, поефикасна администрација, поквалитетно здравство, современо образование, задоволни пензионери и зголемен степен на верба кај младите во перспективноста на нашата татковина. На потег се Владата и мнозинството кои ќе имаат можност да покажат дали на преден план е вистинската економска стабилизација и забрзаниот економски развој или повторно ќе надвладеат теснопартиските интереси, додаде Муцунски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.