Потрошувачката кошница продолжува да расте. Во септември е зголемена за 50 денари во споредба со август, а од почетокот на годината за 743 денари, пресмета Синдикатот. За да ги задоволи основните месечни потреби на едно 4 члено семејство потребни му се 34.393 денари. Половина од парите се само за храна и пијалоци, остатокот за домување. За здравје граѓаните издвојуваат најмалку – 740 денари месечно. Платите се ниски и не го следат растот на цените на производите, ниту пак порастот на просечната плата, велат од Синдикатот. За да можат да преживеат домаќинствата каде е вработен само еден член и зема минимална плата, од 15.200 денари, од ССМ бараат измени во законот, каде минималецот ќе го следи порастот на просекот.

Не може минималната плата да се пресметува еднаш годишно, само во март, а просечните плати бележат пораст секој месец. Бараме да може минималната плата да се усогласува со порастот на просечната плата, како и да го следи растот на трошоците за живот, кои од месец на месец се се повисоки. За да може едно 4 члено семејство да преживее, а зема минимална плата, барем таа да изнесува 60% од просечната, изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Според последните податоци на статистиката, просечната плата во јули изнесува 28.540 денари. Ова значи дека во семејствата каде има еден вработен, им недостасуваат 5.853 денари. На оние пак, кои земаат минимална плата и имаат еден вработен, месечно им недостасуваат нешто над 19.000 денари. Како се зголемуваат трошоците, така расте и задолжувањето. Вкупно граѓаните на банките им должат нешто над 3 милијарди и 200 илјади евра или теоретски секој жител е задолжен по 1.600 евра.

извор: прес 24.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.