Од Меѓународниот монетарен фонд порачаа дека непрекинатото навремено објавување на квалитетни статистички податоци од страна на НБРМ дури и во специфичните околности наметнати од пандемијата на Ковид-19 е клучно за економијата, особено заради носењето соодветни одлуки на економските субјекти и соодветно димензионирање на политиките и мерките.

Од ММФ истакнуваат дека и покрај корона-кризата, Народната банка продолжила да остварува значаен напредок во сферата на статистиката, со клучни залагања за спроведување на највисоките и најновите меѓународни стандарди.

На состанокот на тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со тимот на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, се разговараше за досегашните заеднички проекти и за активностите коишто се планираат за следниот период.

Особено беше истакнат остварениот напредок, вклучително и преку достигнувањето од страна на Народната банка на највисокиот глобален статистички стандард за дисеминација на податоци – СДДС плус. Притоа, одделно беше посочено на залагањата на Народната банка, којашто овој месец започна со редовно објавување и нови подетални податоци за вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност, а за до крајот на годината се планира и прва објава на нови податоци за финансиските сметки, во согласност со најновите стандарди.

Соработката меѓу експертските тимови на ММФ и Народната банка беше оценета како одлична, што е основа и за повеќе заеднички проекти во натамошниот период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.