Раст на БДП од 3,8 проценти, на потрошувачките цени со умерено темпо од 2,2 проценти, како и дефицит од 5,4 проценти од БДП, предвидува во прелиминарните наоди тимот на Мисија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводен од Берглјот Баркбу, по виртуелната посета на земјава од 6 до 17 мај во тек на која одржа состаноци со надлежните институции.
Закрепнувањето на економската активност, посочуваат од тимот, е во тек и се очекува да биде поддржано со зголемувањето на стапката на вакцинација. Фискалната политика којашто дава поддршка и е добро таргетирана може да помогне да се обезбеди закрепнување и подготовка за постпандемискиот свет. Препорачува монетарната политика треба да остане олабавена. Скорешното зголемување на иинфлацијата, укажуваат, најмногу се должи на глобалните фактори и се оценува какопривремено.
Пандемијата на вирусот COVID-19 доведе до значителни човечки загуби и економски трошоци, но макроекономските и финансиските политики за поддршка го ублажија влијанието врз економската активност во Македонија. Економското опоравување е во тек, реалниот раст на БДП се предвидува да достигне 3,8 проценти во 2021 година, поддржан од зголемената стапка на вакцинација, по првичниот недостиг од вакцини на почетокот од годинава. Побрзата дистрибуција на вакцините од очекуваната, и нивната употреба, е можно да ги зголеми прогнозите за растот, додека, пак, појавата на нови соеви на вирусот може да доведе до помал раст – вели во пишана изјава Баркбу.
Посочувајќи дека во последните месеци, растот на глобалните цени на енергијата и храната ја зголеми инфлацијата наведува дека иако е веројатно дека ќе има некои пренесени ефекти, инфлацијата се очекува да се намали во втората половина од годината, во услови на нецелосно искористување на потенцијалот на економијата. Потрошувачките цени се очекува да растат со умерено темпо од 2,2 проценти, во просек во 2021 година.
На краток рок, главен приоритет останува да биде решавањето на здравствената криза – порачува Баркбу.
Како што наведува, фискалната политика треба да продолжи да го поддржува заживувањето на економскиот раст, да поттикнува создавање работни места и да обезбеди заштита на ранливите категории. Владата донесе закон за продолжување на мерките за поддршка и во 2021 година, вклучително и субвенционирање на платите, стимулации за инвестиции и поддршка на ликвидноста на фирмите. Врз основа на тоа, мисијата проектира дефицитот да достигне 5,4 проценти од БДП во 2021 година. Доколку е потребно, понатамошната тагретирана поддршка кон домаќинствата кои имаат најголема потреба од тоа и кон фирмите, во форма на привремени инвестициски кредити и субвенции за вработување може да помогне во закрепнувањето.
Постоењето на кредибилна среднорочна фискална стратегија може да помогне во решавањето на потребите од инвестиции во државата, истовремено создавајќи простор за фискален маневар. Инвестицискиот план на Владата е амбициозен и истиот треба да биде придружуван од дополнителни подобрувања во управувањето со јавните инвестиции, во насока на решавање на „тесните грла“, подобрување на ефикасноста на трошењата и ограничување на фискалните ризици. Напорите за подобрување на наплатата на приходите би овозможиле простор за подобрување на продуктивните трошоци во области како што се здравство, образование и инфраструктура, наведуваат од Мисијата на ММФ.
Истакнуваат дека постоењето на успешни јавни инвестиции ќе го поттикне растот и ќе помогне во трансформирање на економијата, но за да се заштити одржливоста на долгот, од суштинско значење е да се има сеопфатна фискална стратегија која, меѓу другото, ќе биде изградена врз реални претпоставки за раст.
Поставеноста на монетарната политика, оценуваат, останува соодветна. Последното зголемување на инфлацијата најмногу се должи на глобалните фактори и тоа се очекува да биде привремено. Банкарскиот систем во целина е добро капитализиран и ликвиден. Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат определено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строги правила за класификација на ризикот и за издвојување на резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби. Привременото нераспределување на дивиденда од страна на банките треба да го поддржи овој процес.
Од Мисијата на ММФ укажуваат и дека зачувувањето на независноста во работењето на Народната банка на Република Македонија е клучно за да се овозможи таа и понатаму да го остварува својот мандат за одржување на ценовната стабилност и заштита на финансиската стабилност, коишто се предуслови за одржлив економски раст. Информираат и дека на иницијатива на НБРМ, Македонија ќе учествува во новиот пилот проект на ММФ Central Bank Transparency Code (Кодекс за транспарентност на централните банки), кој може да помогне во зајакнување на нејзината рамка за транспарентност и отчетност, со цел да се обезбедат ефективни резултати од политиките и дијалог со засегнатите страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.