СДСМ немаат изградено ниту еден километар автопат. Немаат започното ниту еден автопат за проектирање. Да го проектираат, да обезбедат средства и да почнат да го градат. Зборам за оние 500 километри кои ги ветуваа. Сите овие експресни патишта што ги гледате во Македонија, што се градат, што некои се застанати зошто има пречки, а овие не знаат што да направат, се започнати од ВМРО ДПМНЕ. Им оставивме автопати, едвај ги завршија, со судни маки. Едниот автопат е целосно закочен, а цената скокна до небо и станува јасно со каква програма и да излезат, се ќе биде една голема лага – тврди потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски, одговарајќи на прашањето на Република кои проекти тој како поранешен министер ги започна, за овие три години не беа завршени, а сега повторно ќе се најдат во програмата на ВМРО ДПМНЕ.

Ние со нашата програма, не само што се обврзуваме да ги завршиме сите патишта, бидејќи мора да бидат завршени, за нив се земени средства, дел се од буџет, дел се меѓународни кредити, туку ќе градиме и нови. Едноставно граѓаните ги очекуваат и мора да бидат завршени. Тоа е еден дел кој што е многу сериозен, гледаме дека тие за три ипол години не можеа да ги завршат. Ветуваме 1.000 километри регионали и магистрални патишта целосно да бидат реконструирани и рехабилитирани со патна вертикална и хоризонтална сигнализација. Овие се многу важни патишта, бидејќи секој ден ги користиме. Се додека не се изградат овие големи магистрали не можеме да почнеме ништо друго. Јас мислам дека нам ни треба уште повеќе, но сето тоа ќе се прави со тек на годините. Ние се обврзуваме на огромна бројка, но јас знам дека тоа може да го направиме. Тоа е изводливо и ќе се направи. Од друга страна ветуваме нов автопат од Скопје до Битола, од Битола до Меџитилија екпресен пат, од Струмица до граница експресен пат, од Куманово до Крива Паланка исто така експресен пат, како и на други патни правци, односно 150 километри нови експресни патишта, да се завршат започнатите проекти, но и многу други проекти кои ќе излезат дополнително. Со овие 1.000 километри регионални и магистрални патишта, ние ќе бидеме присутни насекаде. Да видат сите дека ние мислиме на сите луѓе, без оглед на тоа од каде доаѓаат. Насекаде ќе се работи. Ќе има и други мерки кои ќе ги објавиме наскоро. Во нашите мерки и проекти ќе се пронајдат многу луѓе, бидејќи со овој начин на реализација на капиталните проекти, којшто е најмизерен, ниту се движи економијата, ниту градежништвото, ниту пак Македонија оди напред.

Според Мисајловски, за автопатот Скопје Битола, СДСМ се обидела да направи проект, но тоа останало споменик на културата.

Јас мислам дека треба да започнеме целосно нов проект, европски проект. Тоа ќе одземе време, но тоа е реалноста за да имаме добар проект. Тој ќе одземе време, но во еден мандат може да се стигне да се обезбедат средства, и да се почне со работа, да се изгради. Ако се работи темелно, квалитетно и брзо, може се да се направи. Битола заслужува да биде поврзана. Треба постојано да се прават нови патишта, за секогаш државата да биде подготвена, да расте економијата, да се вложуваат средства во инфраструктурата, а од друга страна, ние со проектирање на проекти може да аплицираме да добиеме многу средства од ИПА фондовите, грантови и друго. Јас кога заминав од министерската позиција, тие постојано се фалеа дека добиле 80 милиони грант за железницата. Тоа СДСМ не го сработи. Некој друго го сработил. Лесно може да се види кој е потпишан на тие грант средства и тоа секој може да го види. Што се случи со тие средства? Три години ги зборат. Нигде не беа искористени, нигде не беа ставени, нигде не гледаме дека се гради. Во Македонија мора да има кранови, мора да се гради. Тоа е добро и за општеството и за економијата – вели Мисајловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.