Јавниот и државниот долг во првото тримесечје од 2021 година, по повлекување на средствата од осмата еврообврзницата, забележуваат благ раст од 2,3 и 2,9 процентни поени респективно. Јавниот долг изнесува 62,5 отсто, додека државниот изнесува 54,1 отсто, соопшти Министерството за финансии.
Како што истакнуваат од Министерството, издавањето на осмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто, е со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2014 година со каматна стапка од 3,975 отсто. Отплатата на еврообврзницата од 2014 година во јули, според Министерството за финансии, ќе влијае на намалување на тековната состојба и на јавниот и на државниот долг.
– Други исплати и повлекувања кои влијаеа на состојбата на државниот и јавниот долг во првото тримесечје од годинава се намалување на состојбата на државните хартии од вредност за 23,4 милиони евра, емисијата на 19-та емисија на Обврзница за денационализација од 11,5 милиони евра, повлекување 11,8 милиони евра странски кредити за владини проекти и 8,9 милиони евра од страна на јавни претпријатија. Исто така, отплатени се обврски по основ на главнина во износ од 44,5 милиони евра. Согласно тековната динамика на реализација на јавниот и државниот долг, очекувањата се дека ќе останат во рамки на проекциите од 63,4% и 53,2% респективно, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
На среден рок, односно до 2025 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 отсто, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум, додека државниот долг ќе се сведе на 51 проценти. Ова, според МФ, ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга страна преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од којашто полесно ќе може да се сервисира долгот што доспева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.