Министерката за финансии Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „Жена-амбасадор на е-трговијата“ од страна на Обединетите нации (ОН), информира Владата.

Во рамки на 74-то Генерално Собрание на ОН, кое се одржува од 23 до 26 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени-амбасадори на е-трговија“.

Станува збор за исклучително и уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“. „Жените-амбасадори на е-трговија“ ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда, се наведува во сооштението.

Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како ко-основачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Македонија, останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико ко-основачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.