Не може да се има добар ребаланс од една Влада која во сопствените редови нема стабилна и постојана политика на буџетско планирање, посочи во обраќањето за ребалансот на буџетот во Собранието пратеникот Антонио Милошоски.

На кратко би сакал да се осврнам за овој ребаланс за буџетот. Првата констатација е дека не можете да имате добар ребаланс на буџетот од една влада која во сопствените редови нема стабилна и постојана политика на буџетско планирање. Оваа старо-нова Влада смени досега три министри за финансии, ако имате влада која што има постојано планирање на буџетот имате и постојани актери кои што се докажани и Владата не се откажува така лесно од нив. Ако имате Влада која што талка во буџетските политики и ги менува зависно од неуспесите тогаш имате смени на три министри за финансии, едниот Тевдовски, втората Нина Ангеловска и сега Фатмир Бесими. Притоа морам да напоменам дека и премиерот Зоран Заев во тој вакум период се претстави себе си како министер за финансии кога немаше избор после Тевдовски. Она што е битно да се напомене дека имаше во владата и еден би рекол министер за финансии во сенка, Кочо Анѓушев кој си даде оставка и не е дел од оваа Влада што исто така е показател за негово верување или не верување во исправните буџетски политики на Владата, а по однос на капиталните инвестиции неуспехот на Владата истите да ги реализира на задоволително ниво мислам дека нема подобар знак и сигнал од самата смена на министерот за транспорт и врски, Сугарески каде што во тоа министерство е најчесто најголемата и најпотребната реализација на капитални инвестиции, но очигледно е дека во овој сегмент најмногу се потфрли, истакна Милошоски.

Според него основното образложение на овој ребаланс е дека треба да се создадат услови за четвртиот пакет на мерки за борба со пандемијата и економската криза во која се наоѓа Македонија.

Но откаде стартува старо-новата Влада? За претходните три пакети на мерки според статистиката од самата владата имаме реализација на само 54% од предвидените средства за претходните три пакети мерки. Замислете колку поразителен факт за една влада да одвојува и да планира средства со кои што треба да им се помогне на граѓаните, на болниците, на стопанството, на многу субјекти во државата и потоа самата влада да констатира дека тие планирани средства се искористени само 54% од истите. Тоа е или поразително планирање или немање на тим кои знае да ги спроведе мерките кои што некои ги обмислил. Затоа сметам дека овој ребаланс, се плашам дека ќе ја доживее сличната судбина на претходните планирани мерки кои едвај половина од планираното стигнало до оние за кои што било наменето да им биде помогнето, додаде Милошоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.