Со одлуката на Уставниот суд, повеќе нема никакви законски пречки и можам со задоволство да објавам дека автопатот Битола-Прилеп ќе стане реалност, вака синоќа на својот Фејзбук профил напиша министерот за локална самоуправа Горан Милевски, откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10.

За сите оние скептици кои прашуваа што сме направиле за Битола како Влада? За што се залагал министерот од Битола? Ете ова е една од работите за кои долго време работевме и која ќе стане реалност. Остануваат за реализација и останатите важни капитални работи за градот, за Пелистер и за регионот, кои за брзо време ќе станат реалност, а не се направиле во изминатите 30 години. Ова е влог за идните генерации! Битола се сака со работа и со дела! Ние ќе работиме, а другите нека критикуваат, но нека се запрашаат што направиле за Битола, вели Милевски.

Инаку, Собранието по скратена постапка донесе закон, со кој е утврдено конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ја изгради делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делница на автопатот Прилеп – Битола.

Но, Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.

Затоа, антикорупционерите побараа да се поништи и стопира неговата примена, бидејќи, според нив, постои висок ризик на корупција, меѓутоа Уставниот суд ја отфрли нивната иницијатива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.