Обидите за криумчарење мигранти не запираат. И покрај тоа што состојбата на јужната граница е стабилна, полицискиот билтен секојдневно регистрира нови случаи во кои мигрантите се предмет на криумчарење. Ако порано нивната главна рута беше железничката пруга и течението на реката Вардар, во последниот период тие се почесто ги користат планинските предели.

Во изминатите неколку месеци голем број на илегални мигранти и обиди за криумчарење ба откриени во струмичкиот регион. Најчесто групите беа откривани во регионите на селата банско, Свидовица, Куклиш, Габрово и Костурино. Последниот е регистриран синоќа во селото Муртино, трет случај за само пет дена овој регион. Мигрантите кои биле 25 на број се откриени во комбе со штипски регистарски ознаки.

Возилото марка форд од страна на полицијата било забележано како од локалниот пат Од Банско влeгува во селото Муртино. За кратко време, најверојатно од страв да не биде фатен од полицијата возачот влегол во слепа улица по што го напуштил возилото и побегнал.

За настанот бил известен и јавен обвинител,а увид на местото на настанот извршила и увидна екипа од СВР Струмица. Мигрантите од кои 14 се државјани на Авганистан, седум од Пакистан и четворица од Иран се задржани во струмичката полиција за понатамошна постапка, а надлежните преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.