Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагира дека власта на СДСМ и Зоран Заев го изгласа штетниот и по многу гледишта криминален закон за Макпетрол со кој од народната каса директно на контото на оваа компанија ќе се префрлат дури 33 милиони евра.

Она со што од овој ден па се до крајот на животите ќе треба да живеат е сознанието дека 80 илјади луѓе настрадаа од корона, поминаа низ вистински пекол и се бореа за своите животи, затоа што Владата инвестираше 33 милиони евра во Макпетрол, а не во градба на систем со кој ќе го спречеше ширењето на заразата.

 

Треба да живеат со сознанието кое ќе го имаат роднините на оние 2 500 животи кои се загубија поради битката со короната, дека можеа да бидат спасени ако државата наместо во Макпетрол, инвестираше во правилна здравствена нега со зголемени капацитети.

 

Штетниците од власта треба да живеат со сознанието дека наместо 33 милиони евра во Макпетрол, можеа да дадат пари на 55 илјади граѓани, онолку колку што работни места се загубија во времето на кризата, родители, мајки и татковци кои своите деца ќе ги остават без насмевка и пакетче за оваа нова година. За жал овие деца поради овие 33 милиони евра на Заев ќе останат без право на новогодишна желба.

 

Треба да живеат со сознанието дека дадоа 33 милиони евра на Макпетрол, а не на тутунарите кои и понатаму мрзнат по улиците барајќи правда и добра цена за својот тутун. За жал нивните деца ќе останат без можност за малку среќа и новогодишно пакетче.

 

И бидејќи гледам дека раководството на Макпетрол ме споменува, ќе им испратам и ним порака, исто како и на луѓето од власта, никогаш не ми била целта да влијаам или да ја диригирам уредувачката политика на Телма телевизија како што тврдат во своето соопштение, тоа го оставам на Заев. А, ако имаат доказ за овие нивни тврдења јавно ги повикувам да ги објават, во спротивно стануваат телевизија на лажни вести и цензори на вистината.

 

Сосема на крај, ви ветувам дека една од првите точки кои ќе ги разгледа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде токму овој штетен договор за кој сигурен сум дека ќе има одговорност – порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.